Овој колач во тефтерот ми е запишан ми е како „Катерина“, но некаде го среќавам и како „Ден и Ноќ“. Се приготвува едноставно со состојки кои сите ги имаме во кујна, а се добиваат неколку слоеви, па може да се послужи и како торта. Многу е вкусен токму поради различните бои и слеви кои се надоврзуваат и надополнуваат, а секој залак се топи во уста.




Корите се најобични како и за секој бисквит, па доколку сакате да ви бидат уште посочни, при филувањето на колачот можете да ги натопувате со чоколадно млеко или сок од портокал на пример. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за прва кора: 6 јајца, 200 г шеќер, 4 супени лажици зовриена вода, 150 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 2 супени лажици какао. Колачот се приготвува во плех со димензии 25х30 см или со приближни димензии.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за втора кора: 5 белки, 160 г шеќер, 3 супени лажици брашно и 250 г ореви (претходно запечени, па издробени). За крем 1: 5 жолчки, 200 г шеќер и 300 г путер. За крем 2: 350 мл млеко, 1 кесичка пудинг од ванила (40 г), 3 супени лажици шеќер и 2 кесички ванилин шеќер (20 г). За глазура: 100 г млечно чоколадо, 25 г путер и 2 супени лажици млеко




ПОСТАПКА: Шесте јајца со 200 г шеќер пенасто изматете ги со миксер додека шеќерот да се растопи и да се добие светла кремаста структура. Додајте 4 лажици врела вода во тенок млаз и продолжете со матење. Во 150 г брашно додајте 2 лажици какао и една кесичка прашок за печиво. Промешајте да се изедначи.




Сувите состојки додајте ги постепено во изматените јајца (најдобро просеани низ сито), па со кујнска маталка-жица или со лажица, бавно мешајте додека да добиете мазна и еднолична смеса. Излејте во плех 25х30 см, израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу половина час. Печената кора оставете да излади, па пресечете ја хоризонтално на две тенки кори. Едната кора ставете ја на дното од плех со димензии 25х34 см.




За крем 1: Во подлабок сад ставете 200 г шеќер и 5 жолчки, па пенасто изматете додека да побелат и да го зголемат волуменот. Потоа сварете ги на пареа со постојано мешање. Кремот од жолчки оставете го на ладно за да излади. Пенасто изматете 300 г путер омекнат на собна температура, па во него постепено додадете ги изладените жолчки. Матете додека да добиете убав мазен крем.




За крем 2: Во длабоко тенџере ставете 350 мл млеко, прашокот од една кесичка пудинг од ванила, 3 лажици шеќер и 2 кесички ванилин шеќер. Ставете на тивок оган и со непрекинато мешање сварете го кремот додека да згусне. Оставете го целосно да се олади до собна температура. Потоа соединете ги крем 1 и крем 2. Мешајте со лажица или шпатула. Половина од филот рамномерно распоредете врз првата кора и израмнете.




За кора 2: 5 белки со 160 г шеќер пенасто изматете додека да добиете цврст снег. Додајте 250 г крупно мелени/сечкани ореви и 3 супени лажици брашно. Промешајте со маталка, а смесата излејте ја во плех (25х30 см) обложен со хартија. Израмнете и печете во загреана рерна на 180 степени, 25 минути.




Печената кора оставете да се олади, па поклопете ја внимателно врз филот и малку притиснете за да се залепи. Одозгора ставете ја втората половина од филот, израмнете, па ставете ја втората (темна) кора. Колачот оставете го во фрижидер за да се стегне добро.




За глазура: 100 г чоколадо, 25 г путер и 2 лажици млеко растопете и соединете во микробранова печка (1-2 минути), оладете 1 минута, па нанесете врз колачот. Оставете во фрижидер најмалку 6 часа пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.