Многу вкусна торта која речиси целата е кремаста. Доколку го сакате вкусот на плазма и капучино, тогаш сигурно ќе ви се допадне оваа торта. Според начинот на подготовка многу наликува на чискејкот кој е без печење. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кесичка капучино со вкус на ванила, 30 мл топло млеко, 500 мл слатка павлака, 250 г маскарпоне, 50-100 г шеќер во прав (по вкус), 2 лажички мутела/еурокрем, 100 г плазма или кекси по избор (за основа), малку млеко за натопување на кексите, рендано чоколадо за декорација (Киндер)

ПОСТАПКА: Инстант кафето разматете го со малку млако млеко за да се раствори. Во поголем сад изматете го маскарпонето кое претходно сте го оставиле на собна температура. Додајте го еурокремот или нутелата, па продолжете со матење додека да ги соединете.

Во овој крем постепено започнете да го додавате раствореното и изладено кафе. Додавајте малку по малку додека непрекинато матите со миксерот. Некаде при крајот додајте го шеќерот во прав и продолжете со матење додека сè да се изедначи.

За разлика од другите рецепти каде слатката павлака се мати во посебен сад, па дури потоа се соединува со изматеното маскарпоне, во овој рецепт сè се меша во еден сад. Па така, кога маскарпонето е соединето со кафето, додајте ја течната слатка павлака.

Потребно е да матите неколку минути додека да згусне и да се добие крем. Внимавајте да не претерате со матење, па затоа штом забележите дека сте добиле крем со густина која може да се мачка, значи дека тој е готов и може да продолжите со подготовка на основата.

Земете еден калап за торти со флексибилен обрач од 24 см, но може да користите и друга димензија. Ако калапот е поголем тогаш ќе добиете потенка торта и обратно. Кексите (во овој случај плазма) кратко натопувајте ги во млеко.

Редете ги на дното од калапот, а по потреба можете да ги кршите за да ги пополните празнините. Подебелите кекси натопувајте ги наколку секунди подолго за да го впијат млекото и да омекнат, а доколку одберете тенки кекси, натопувајте ги многу кратко и наредете ги во два реда.

Преку слојот од кекси истурете го приготвениот фил и убаво рамномерно распоредете. Внимавајте да се пополнат сите празнини, па неколку пати потчукнете го калапот и протресете го. Завиткајте ја тортата со стреч-фолија и оставете ја неколку часа да се олади во фрижидер.

Најдобро е тортата да преноќи во фрижидерот или да отстои минимум четири часа. Потоа отстранете ја фолијата и флексибилниот обрач, а тортата одозгора декорирајте ја со рендано чоколадо. Јас користев киндер чоколадо. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.