Најубавото јадење од мелено месо. како се прави гурманска плескавица? Ви го прикажуваме оригиналниот рецепт во презентација на “Најдобри Домашни Рецепти” – НДР. Дознајте како чекор по чекор можете да ги направите плескавиците за само неколку минути.

Потребни состојки за една плескавица: 300 г мелено мешано месо, сол и црн пипер по вкус, 1 лажичка црвена толчена пиперка (буковец), 1/2 главица кромид, 2-3 ленти сечкана сланина/панцета (околу една рака), 1 рака сечкан кашкавал

Постапка: Во подлабок сад ставете го меленото месо и посолете го, а потоа зачинете го и со малку свежо мелен црн пипер, една лажичка црвена толчена пиперка. Кромидот излупете го, а за оваа количина месо доволна ви е половина главица.

Колку можете поситно исечкајте го кромидот, па додадете го во меленото месо. Сланината и кашкавалот исечкајте на ситни коцкички, па и нив додадете ги во смесата. Земете со рака и добро измесете го месото за да се изедначат рамномерно сите состојки.

На крај треба да добиете фина, компактна смеса од мелено месо. Формирајте ја во топка, покријте ја со проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер да одмори 2-3 часа додека да се соединат вкусовите и да се апсорбираат зачините во месото.

Даската на која ќе работите намастете ја со малку масло. Ставете ја топката од месо врз даската, па полека започнете со дланките да ја притиската за да ја сплескате и на тој начин да ја формирате плескавицата. Дебелината треба да и биде приближно еден центиметар.

На загреана и намастена грил-тава ставете ја плескавицата и печете ја по пет минути од секоја страна. Кога добро ќе се запече од долната страна, свртете ја и на другата страна, никако претходно. Кога е печена, плескавицата извадете ја и послужете ја со топла со гарнир по ваш избор.

Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Во продолжение прочитајте и како се приготвуваат оригинални лесковачки уштипци, уште едно многу вкусно јадење кое се приготвува со мелено месо.

II РЕЦЕПТ – Рецепт за оригинал ЛЕСКОВАЧКИ УШТИПЦИ готови за 20 минути – прсти да излижеш. Вкус каков не сте пробале досега! Научете како се приготвуваат “Лесковачки уштипци” – превкусно јадење со мелено месо.

Потребни состојки: 300 г мелено месо по избор, 1 рамна лажичка сол или по вкус, ½ лажичка прашок за печиво, 1 чешне лук, 30-50 г шунка, 30-40 г кашкавал и 1/3 лажичка лута ситно мелена пиперка – по вкус

Постапка: Во меленото месо додадете сол и прашок за печиво па замесете го со раце. За да го има автентичниот вкус на познатите “Лесковачки уштипци”, во една доза од 300 г мелено месо, задолжително се става и едно чешне ситно исечкано лукче. Исечкајте го колку можете поситно. Додадете го во месото.

Шунката ситно исечкајте ја на коцкички, ако немате шунка, може било какво сувомеснато, пршута, сланина и сл. Исто така, кашкавалот ситно исечкајте го на коцки, колку можете поситно (не го рендајте).

Во смесата додадете и лут црвен пипер, бидејќи оригиналните Лесковачки уштипци се лути. Но кој не јаде луто, нека го прескокне овој чекор. Смесата убаво измесете ја да се поврзат состојките. Вака приготвената смеса може да стои во фрижидер 48 часа, па по потреба да ја искористите.

Загрејте грил тава на најсилно, без масло. Правете ги уштипците (како дебели ќебапи или без некоја посебна форма) и редете ги во грил тавата.

Ако немате тефлонска грил тава, уштипците може да ги печете во било каква тава. Одозгора покријте со капак за подобро да се испечат. Уштипците испржете ги од двете страни додека убаво да заруменат. Деталите околу постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.