Ова е повеќе од умешност – станува збор за француска техника што се испробува во Вавилонсторен, Јужна Африка. Можеби е полесно од ставање брод во шише, но бара исто толку трпеливост.

Крушата не се става во шишето, таа израснува во него! Кога овошјето е мало, шишето се лепи за гранка на дрвото, а крушата расте до зрелост во шишето за вашата вкусна крушковача.

1.Процесот треба да започне што е можно поскоро откако цвеќињата ќе се опрашат и плодот ќе почне да се формира. Тогаш, направете селекција од шишиња кои ќе ги користите за оваа намена, пред плодовите да започнат да растат големи.

2.Откако ќе ги селектирате крушите со најдобра позиција за поставување на шишињата, потребно е да ги отстаните листовите околу плодот. Ако не го направите ова, има ризик плодот да изгние или да се формираат паразити внатре во него, а се ограничува и можноста за воздушно циркулирање.

 

3.За врзување може да употребите коноп (или жица), кој може да го купите во речиси секоја земјоделска аптека, па ќе го врзете околу вратот на шишето. Добро фиксирајте го за гранката за да не прави штета (може да си помогнете и со пластична кеса). Сега вметнете ја во шишето тесната гранка што ја носи крушата. Идеалната позиција на крушата е над вратот од шишето, за да има доволно простор за растење.

4.Потоа завиткајте го конопот/жицата околу телото на шишето и закачете го до некоја блиска гранка, за да го придржува шишето. Шишето треба да е поставено наопаку, односно со врвот кон долу, за да може да се исцедува влагата од него.
Не го закачувајте шишето на гранка што веќе носи плодови. Дополнителната тежина може да ја скрши гранката.

Исто така, плодната гранка треба да се движи слободно околу вратот на шишето, за плодот да не се расипе предвреме.

5.Заштитете го овошјето од премногу сончева светлина во текот на летото со тенка, бела, хортикултурна волна. Изложеноста на премногу сончева светлина, ќе предизвика овошјето да созрее пребрзо и нема да биде големо.

6.Потоа само чекајте. Кога крушата ќе созрее, таа ќе се одвои природно од гранката или вие пресечете ја. Шишето со пораснатата круша во него наполнете го со вашата омилена крушковача.

За НМД.мк текстот го обработи Мартина Христовска.

Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото подолу: