Сапунот од мед е идеален за нега на сува и чувствителна кожа. Освен што ја негува кожата на природен начин, тој и ја обезбедува потребната влага и ја прави еластична. Изработката на домашниот сапун во домашни услови е поевтин и поздрав начин за нега на телото. Состојките се достапни и многу лесно можете да ги набавите.

Потребни состојки за сапун од мед: 1,5 литар масло (маслиново, растително), 1,5 литар кокосово масло, 260 г каустична („жива“) сода (кристал натриум хидроксид), 600 мл вода и 200 мл мед.

Постапка: Во многу ладна вода растопете ја каустичната сода со постојано мешање со помош на долга дрвена лажица. Останатите потребни состојки измешајте ги во еден сад и загревајте ги на многу тивок оган додека да се растопат и соединат и да добиете хомогена смеса.

Пред да ја соедините оваа смеса со растворот од „жива“ сода, треба да имаат иста температура. Смесата се меша околу 20-30 минути додека тврдиот дел од смесата да се одвои. Во текот на мешањето може да се додаваат и други мирисни етерични масла по ваш избор.

Тоа може да бидат етерични масла од ружа, кајсија, лаванда, портокал, бадем и слично. Готовата смеса се излева во претходно подготвени калапи со различни облици, а може и во еден поголем, па подоцна да го поделите на помали парчиња (ова е по ваш избор).

II РЕЦЕПТ – САПУН ЗА МАСНА КОЖА – Лице без акни, митесери и иритации: Направете домашен сапун од магдонос (рецепт). Сапунот од магдонос за лице е нешто што ќе ви помогне своето лице да го доведете до совршенство со основна нега, а тоа е чистењето.

Магдоносот за лицето е одличен природен лек, посебно ако ве мачат дамки и акни или сакате да ги ублажите брчките. Научете како сами да си направите сапун од магдонос за нега на своето лице. Верувајте, брзо ќе стане вашиот најдобар пријател. Постојат бројни дебати меѓу жените на тема дали сапунот за лице е нешто што треба да се користи или не. Доколку внимавате што купувате и бирате природни производи, тогаш одговорот е “да”.

Кои се предностите на сапунот од магдонос? Овозможува дејство на мноштво антиоксиданти кои го намалуваат штетното дејство на УВ зраците од Сонцето, а кои се основна причина поради која старее кожата.

Ја подобрува циркулацијата под кожата, што доведува до регенерација на клетките и намалување на темните подочници. Ја регулира ПХ вредноста на кожата и спречува појава на митесери и акни.

Делува противвоспалително и ги смирува иритациите на кожата од лицето доколку ги имате. Фитонутриентите имаат избелувачки својства. Кожата ги впива и се намалува хиперпигментацијата.

Потребни состојки: 125 мл инфузија од магдонос, 125 мл инфузија од зелен чај, 20 г млеко во прав, 20 г овесна каша, 50 г мед (2 лажици) и 60 г глицерински сапун

Постапка: 2-3 лажици свеж магдонос прелијте со 125 мл вода. Ставете да зоврие, а потоа тргнете на страна, процедете и изладете. На ист начин пригответе го и зелениот чај. Додадете ги сувите состојки: овесна каша и млеко во прав и мед. Промешајте со дрвена лажица.

Глицеринскиот сапун растопете го во посебен сад, а потоа додадете ја претходно приготвената паста. Промешајте, наполнете ги калапите и оставете да излади. Кога ќе се осладат и стегнат, извадете ги сапуните и користете ги редовно за миење на лицето. Ефектите нема да дојдат преку ноќ, но после месец дена ќе бидете воодушевени.

III РЕЦЕПТ – Домашен сапун за перење алишта и за лична хигиена кој не ја суши кожата и не прави првут

За сите што имаат можност и сакаат да си направат свој домашен сапун каков што го правеа нашите баби, еве еден добар рецепт. Има ладна постапка и топла постапка. А најдолу во текстот ќе ја прочитате и основната постапка за минимална доза, како што правеле нашите баби.

ЛАДНА ПОСТАПКА. Потребни состојки: 1,5 кг маст (од животинско потекло или растителен путер како на пример карито или манго путер или путер од авокадо, нешто слично), 460 г растително масло (маслиново, палмино), 700 мл вода (порано собирале дождовница), 270 г натриум хидроксид (база, каустична сода)

Постапка: Во голем сад од отпорна пластика или нерѓосувачки челик, полека додавајте ја каустичната сода во водата (никогаш обратно!).

Најдобро е да се додава лажица по лажица. Немојте веднаш целата количина да ја истурите во водата, бидејќи настанува силна реакција и смесата може да претече од садот. Штом ја додадете првата лажица од каустична сода, веднаш ќе дојде до реакција – водата ќе започне да врие и да пени.

Откако внимателно и полека сте ја додале целата база со дрвена лажица (никако со метална), промешајте ја смесата и додадете, исто така, полека, растопена маст и масло, кои не треба да бидат врели, туку само топли. Мешајте ја смесата во една насока додека да добиете изедначена меласа, како густ мед.

Смесата можете да ја мешате и со миксер, но не предолго (најмногу 10-тина минути) бидејќи смесата многу брзо ќе започне да се стврднува. Ако сакате, во смесата можете да додадете и некои етерични масла за подобрување на мирисот (приближно 10-тина капки), како масло од лаванда или цимет.

Обложете го својот калап со проѕирна фолија, па полека и внимателно, во него излејте го него топлиот сапун. После 24 часа сапунот исечете го на облици по ваша желба (коцки и слично) или извадете го од калапот и оставете го да се суши на проветно место од 6 до 8 седмици. Како калап може да ви послужи било кој сад или амбалажа од млеко или сок исечен од горната страна.

ТОПЛА ПОСТАПКА. Првиот дел е ист како кај ладната постапка, но разликата е во тоа што водата и мастите се ставаат во сад од нерѓосувачки челик во кој полека се додава каустичната сода, па после првобитното поврзување, кога смесата малку ќе се смири и повеќе не покажува знаци на вриење, сè се става на варење на тивок оган и повремено се меша додека смесата да згусне како шеќерен сируп.

Тоа може да трае со часови. Потребно е многу да се внимава бидејќи смесата станува се погуста. После три-четири часа варење, сапунот станува толку густ и треба брзо да се излие во калапи. И на овој сапун може да се додадат етерични масла за подобар мирис.

Сапунот брзо ќе се стегне и веќе после неколку часа може да се сече. Исто така треба да отстои на проветрено место за целосно да изветрее каустичната сода и да се заврши процесот на сапонификација.

Токму готвењето го забрзува процесот на испарување на содата, па затоа овој сапун побрзо е спремен за употреба. Веќе после две седмици сушење на воздух, кога каустичната сода целосно е испарена, сапунот е готов за употреба и можете да уживате во неговите благодети.

IV РЕЦЕПТ – ДОМАШЕН САПУН КОЈ НЕ ЈА СУШИ КОЖАТА И НЕ ПРЕДИЗВИКУВА ПЕРУТАЊЕ. Ова е основниот рецепт за правење на стариот, добар, домашен сапун, кој се прави од две компоненти: маст и база.

Потребни состојки: 50 мл вода, 100 г свинска маст, 1 супена лажица жива сода (кристали натриум хидроксид, каустична сода) Постапка: Свинската маст ставете ја да се растопи. Во посебен сад полека додадете ја содата во водата, а потоа додадете ја во растопената маст.

Потребно е да мешате половина час, се додека да се добие густа смеса. Готово е кога ќе ставите но-ж во смесата, па кога ќе го извадите, масата околу но-жот треба веднаш да се стврдне. Некогаш варениот сапун се излевал во сандак со дупчиња обложен со влажна крпа. Кога ќе се излади и стврдне, сапунот се одвојува од крпата и се сече на помали парчиња.

Овој домашен сапун можете да го оплемените со разни состојки како маслиново и кокосово масло, лаванда, рузмарин, овесни снегулки, јогурт, мед, зрна кафе, кора од портокал, лимон, морков, тиква, ванила, какао и слично. Етеричните масла се капнуваат во смесата во мометот кога таа сè уште е топла.