Овој колач кој уште се нарекува и „медено срце“ е еден од највкусните посни колачи кои совршено одговараат со шолја кафе или топол чај. Се приготвува од евтини состојки а се добива прилично голема количина.
Сочен е и мирисен, мек како душа, се топи во уста, а по вкусот може да се спореди и со некои скапи десерти од слаткарница.
Ова е еден од оние проверени старински колачи, па доколку го правела вашата баба, сигурно ќе ве потсети на безгрижното детство. Многу лесно и брзо се приготвува, а немате потреба ниту од миксер.
Едноставно за 5 минути се мешаат сите состојки и 25 минути се пече бисквитот, а ако сте нестрпливи, може и веднаш да се јаде. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г брашно, 100 г шеќер, 2 супени лажици какао во прав, 2 супени лажици зачин за колачот медено срце (го има во поголемите продавници), 1 лажица сода бикарбона (10 г), 300 мл вода, 100 мл масло за готвење, 2 супени лажици мед (50 г), 200 г џем од кајсии или праска.
За фил: 300 г џем од кајсии, 3 супени лажици врела вода. За чоколаден прелив: 150 г посно црно чоколадо, 3 супени лажици масло, 3 супени лажици растителна павлака за готвење (ако смесата е прегуста, додајте 1-2 лажици врела вода.
ПОСТАПКА (за плех/калап со димензии 36х24 см):
Во еден подлабок сад сипете 300 мл млака вода (или на собна температура, па додајте 200 г џем од кајсии и една не баш полна супена лажица сода бикарбона (ако ставите повеќе, ќе се чувствува во колачот и ќе има малку горчлив вкус).
Добро промешајте со кујнска жица-маталка додека да се раствори џемот во водата. Потоа додајте 100 мл масло за готвење и повторно малку промешајте.
Додајте две супени лажици мед (приближно 50 г) и промешајте за да се раствори. Течните состојки тргнете ги настрана.
Во подлабок сад просејте 300 г брашно, додајте 100 г шеќер, две супени лажици какао и две супени лажици зачин за медени колачи.
Доколку немате ваков зачин, наместо нив употребете уште малку какао помешано со цимет или зачин по ваш вкус (1 лажичка цимет и 1 лажичка каранфилче во прав.
Убаво измешајте додека да се изедначат сувите состојки, а потоа започнете постепено да ја додавате претходно измешаната течност. Мешајте со жица-маталка сè додека да добиете фина, мазна и хом огена смеса без грутчиња.
Плехот (36х24 см или со слични димензии) намастете го и наросете го со брашно убаво да се нафати, па вишокот истресете го.
Излејте половина од смесата и рамномерно распоредете ја (можеби ќе ви се чини дека е тенка, но во текот на печето ќе порасне).
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени само 10 минути, колку да фати коричка. За тоа време измешајте 300 г џем од кајсии со 3 супени лажици врела вода, па рамномерно распоредете преку печениот бисквит.
Врз џемот распоредете го остатокот од тестото (до ивиците на плехот, да нема непокриен џем кој би можел да загори при печењето).
Вратете во врелата рерна и печете уште 15 минути на 180 степени. Додека се пече пригответе ја глазурата: 150 г посно чоколадо искршено на коцки помешајте го со 3 лажици масло и 3 лажици растителна павлака.
Растопете на тивок оган или во микробранова печка. Врелиот колач прелијте го со врела глазура. Оставете да се олади 30 минути или послужете го веднаш. Деталите погледнете ги ОВДЕ.