Откако научив да ја правам оваа чорбичка, редовно ја има на нашата трпеза, а осбено ја сакаат децата и постојано ме прашуваат: „Мама, кога ќе правиш од таа убавата супа со џигерчиња?“ Многу е вкусна и сите дома со мерак ја јадеме. Постапката е многу лесна и едноствна, секој може да си ја приготви од евтини состојки. Рецептот го научив од Дани, а таа пак од нејзиниот дедо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г пилешки џигер, 3 големи моркови, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 1 пиперка, 1 литар булјон*, 500 мл вода, 80 г ориз, 200 мл млеко, маслиново масло, сол, црн пипер, магдонос, 120 мл павлака за готвење**, 2 жолчки

*Ако немате претходно сварен домашен булјон, може да употребите купечки (пакуван во тетрапак), или пак, едноставно да растворите неколку коцки за супа, соодветно на еден литар вода. **Ако во моментот немате при рака течна (неутрална) павлака за готвење, употребете обична кисела павлака која ќе ја растворите со малку млеко додека да постигне густина на течен-густ јогурт.




ПОСТАПКА: Џигерите измијте ги и процедете ги од водата, па ставете ги во подлабок сад и прелијте ги со една чаша ладно млеко (200 мл). Промешајте ги со лажица за да се распоредат сите парчиња подеднакво, покријте ги и оставете ги во фрижидер да отстојат половина час.




За тоа време џигерчињата треба добро да се натопат во млекото кое ќе ги омекне и ќе им даде сочност. За тоа време измијте и излупете три големи моркови, па изрендајте ги на крупната страна од рендето.




Во високо тенџере со нелепливо дно сипете 20 мл маслиново масло да се загрее на умерена температура, па додајте ги ренданите моркови и гответе ги со промешување 3 минути или додека да се ослободи каротинот, односно жолтиот пигмент содржан во морковите.




Додека се динста морковот, ситно исечкјате го кромидот и додајте го во тенџерето. На ред се двете чешниња лук: исечкајте ги на лентички или изрендајте ги, па додајте ги и нив. Продолжете со динстање на умерена температура, под капак, уште три минути. За тоа време ситно исечкајте половина голема црвена и половина зелена пиперка, па и неа додајте ја.




Промешајте добро и продолжете со динстањето на умерена температура уште пет минути, под капак. За тоа време извадете ги џигерите од млекото со помош на решеткава лажица и префрлете ги во друг сад полн со ладна вода (за да се исперат од млекото).




Процедете ги од водата и сипете ги во тенџерето со издинстаниот зеленчук. Промешајте и динстајте на умерена температура следните пет минути (под капак). Потоа додајте еден литар пилешки булјон. Промешајте, поклопете и гответе под капак уште 5 минути.




Потоа додајте 80 г испран ориз, убаво промешајте за да не остане оризот залепен, па зачинете со половина лажичка мелен црн пипер и една лажичка сува мајчина душичка. Промешајте и додајте 250 мл топла вода. Откако повторно ќе зоврие, намалете ја уште малку температурата и гответе уште 15 минути под капак и со повремено промешување.

За тоа време од две јајца одвојте ги само жолчките и додајте 120 мл павлака за готвење, па добро изматете да се соединат. Потоа додајте 250 мл ладна вода и повторно изедначете.

Црпнете една-две кутлачи од течноста во чорбата, промешајте за да се загрее павлаката со жолчките, па сета течност сипете ја во тенџерето. Промешајте, поклопете и после 2-3 минути чорбата можете да ја тргнете настрана. Послужете ја топла со ситно сечкан свеж магдонос одозгора. Деталите погледнете ги ОВДЕ.