Најубавите тестенини за мене се јуфките, кои сега младите ги нарекуваат таљатели и се малку потенки од вообичаено. Може да ги правите со било какви тестенини, излегуваат подеднакво вкусни, но јас мислам дека за овој специјален сос најдобро го впиваат јуфките.




Потребни состојки: 300 г јуфки (или таљатели), 2 помали модри патлиџани, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 300 мл доматен сос, 2 супени лажици хопла или павлака, малку маслиново масло за пропржување, 20 г пармезан или нелој друг лесно растеглив кашкавал (гауда), магдонос за наросување и сол и црн пипер.




Постапка: Половина главица кромид исечкјате ја на ситни коцкички. Кромидот прво сечете го напречно, а потоа сечете коцки, ќе заштедите на време. Потоа преминете на сечење на модрите патлиџани.




Од нив прво се сече дршката, па се сечат на коцки колку еден залак. Во нелеплива тава ставете една лажица маслиново масло, па на умерено-средна температура запржете го кромидот додека малку да застакли.




Потоа додајте го модриот патлиџан и зачинете со сол и црн пипер. Покријте го тавчето со соодветниот капак и оставете да се готви додека патлиџаните малку да потемнат. Потоа додајте ги ситно исечканите чешниња лук, пред крајот.




Кога лукот ќе почне да потемнува, пред да загори додајте го доматниот сос и оставете да се крчка на отворено. Додајте ја хоплата или павлаката и гответе уште неколку минути на истата температура со повремено мешање.




Во тенџере со вода додајте една лажица сол и почекајте да зоврие. Дури кога убаво ќе врие водата, тогаш ставете ги јуфките или тестенините по ваш избор. Потребно е да ги сварите „ал денте,“ а за секоја различна тестенина времето на готвење е означено на амбалажата.




Внимавајте да не ги преварите тестенините, па затоа стриктно придржувајте се до времето (откако ќе ги ставите тестенините, почекајте повторно да зоврие водата и започнете со мерење на времето).




Најчесто на амбалажата од тестенините го пишува најмалото и најголемото време за тоа колку треба да се варат тестенините, а потребно е да ги варите на најкратко бидејќи потоа се готват уште неколку минути и во сосот.




На пример, ако на амбалажата е дадено време на готвење од 6-8 минути, гответе ги 6, а доколку сè уште ви се чинат тврди, ќе се сварат при мешање во сосот. Сосот гответе го на умерено средна температура со постојано мешање додека малку да згусне.




Потоа додајте ги сварените и процедени тестенини, а исто така потребно е да сочувате 2 кутлачи од водичката во која се вареле и да ги додадете во сосот за да бидат уште покремасти. Мешајте внимателно додека тестенините да го впијат сосот (неколку минути). Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.