Овој рецепт одлично ќе ви дојде секојпат кога немате доволно време. Јогуртниот колач се приготвува за само две минути, а ко се исклучи печењето и ладењето во фрижидер. Перфектен лесен десерт кој можете да го послужите после ручек или вечера.




Исто така, во рецептот не се содржи додаден шеќер, бидејќи се користи веќе засладен јогурт, а може и некој овошен по вкус. За сите оние кои го одбегнуваат шеќерот, може да користат обичен јогурт и да додадат некоја замена за шеќерот како што е стевијата на пример.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г овошен густ јогурт или некој по ваш вкус, 4 јајца и 40 г скроб/нишесте/густин. Конкретно во рецептот се користи јогурт со 100% природен засладувач еритритол (erythritol). Ако користите густ јогурт или павлака, засладете ја по вкус, најдобро со стевија, бидејќи има нула калории а дава сладок вкус.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го јогуртот (или киселата павлака), додајте четири јајца и изматете ги со жица маталка. Треба да добиете хомогена, изедначена смеса. Во неа додајте 40 г пченкарен скроб/нишесте/густин.




При подготовка на колачи, кога се додаваат прашкастите состојки како што се брашното, прашокот за печиво или густинот, секогаш е најдобро претходно да се просеат. Така и овојпат, просејте го скробот/густинот низ сито.




Откако ќе го го додадете скробот, уште еднаш убаво промешајте со маталката. Смесата ќе стане течна, со конзистенција на течен јогурт, но внимавајте да биде добро изедначена и да нема грутчиња.




Еден помал калап за торти (18-20 см) малку намастете го и обложете го со хартија. Овој колач можете да го печете и во тенџере кое нема пластични елементи на рачките. Харијата едноставно изгушвајте ја во топка, а потоа полесно ќе може да се обложи калапот според неговата форма.




Во вака приготвениот калап излејте ја смесата и малку потчукнете го за да излезат евентуалните воздушни меурчиња. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 35 до 50 минути во зависност од рерната (се покажало дека во различни печки, времетраењето за печење е различно).




Колачот е печен кога ќе нарасне и ќе зарумени одозгора. Не грижете се ако на некои места распука, тоа се случува кога нараснува поради јајцата. Оставете го колачот 1-2 часа во фрижидер пред послужување.




Потоа едноставно извадете го од калапот, отстранете ја хартијата и послужете го. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.