Кога и да го направам овој колач веднаш целиот се изедува, буквално за една минута додека да го исечам, секое парче се разграбува, а псоле уште долго се збори за негов иот вкус. Буквално се топи во уста. Можете да го приготвувате како едноставен колач за кафе и чај, но и за свечени пригоди како што се родендените.

Многу е едноставен, сочен и со одлична комбинација од вишни и чоколадо. Во овој рецепт не користам купечко чоколадо, туку користам какао во прав кое во комбинација со вистински одбраните состојки дава уште поубав вкус од чоколадото.

Ќе се изненадите колку оваа торта може да биде едноставна и брза иако навидум можеби ќе ви се чини дека е комплицирана. Навистина, изгледа како да излегла од најскапата слаткарница, но откако ќе го прочитате нејзиниот рецепт и ќе ја погледнете видеопрезентацијата, ќе ви стане јасно дека е многу лесна. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 250 мл) ЗА ПАНДИШПАН: 4 јајца, 1 прстофат сол, 100 г шеќер (1/2 чаша), 60 мл врела вода (4 супени лажици), 160 г брашно (1 чаша), 1/2 кесичка прашок за печиво (1 лажичка). Калап 28х18 см. Печете во загреана рерна на 180 степени, 25 минути.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ: 9 г желатин во прав (1 мала лажичка), 60 мл ладна вода (4 супени лажици), 500 мл млеко (2 чаши), 1 кесичка пудинг со вкус на ванила (40 г), 50 г шеќер (1/4 чаша), 20 г какао во прав, 400 мл слатка павлака 33% мм (1.5 чаша), 50 г шеќер (1/4 чаша). Оставете во фрижидер 2 часа

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОВОШЕН ДЕЛ: 9 г желатин (1 мала лажичка), 60 мл ладна вода (4 супени лажици), 350 г вишни од тегла (компот), 300 мл сок од вишни (од теглата компот). Оставете во фрижидер 4 часа

ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата, додајте прстофат сол и сипете 100 г шеќер, па пенасто изматете со миксер. Матете 5-8 минути додека шеќерот да се растопи и да добиете густа, светла и кремаста смеса.

Во посебен сад просејте 160 г брашно и помешајте го со една мала лажичка прашок за печиво. Постепено започнете да ги додавате сувите состојки во кремасто изматените јајца и мешајте со бавни движења. За мешање користете кујнска жица или шпатула и црпете од долу кон нагоре.

Тестото треба да биде изедначено, хомогено и воздушесто. Затоа е потребно брашното да се додава малку по малку. Кога ќе го потрошите целото брашно, во тестото сипете 60 мл врела вода и брзо промешајте за да се раствори и соедини во смесата.

Добиеното тесто за пандишпан сипете го во претходно подготвен калап 28х18 см(обложен со хартија за печење), распоредете рамномерно, израмнете и протресете, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути. Проверете со чепкалка и оставете да се олади.

Од половина литар млеко одземете 100 мл, а остатокот сипете го во тенџере и ставете го на оган да се загрева. Во одвоеното млеко додајте мешавина од пудинг, шеќер и какао. Убаво промешајте за да се растворат состојките и да нема грутчиња.

Кога млекото ќе зоврие намалете ја температурата на ринглата или потргнете го тенџерето малку настрана, додајте ја растворената мешавина и мешајте енергично. Варете го пудингот на умерена температура додека да ја постигне посакуваната густина. Претурете го во друг сад, покријте го со кеса и оставете целосно да се олади.

Желатинот растворете го во ладна вода и оставете го настрана на набубри. Оладениот пудинг изматете го со миксер за да стане кремаст. Желатинот растопете го на пареа или во микробранова печка, па додајте го во пудингот. Уште еднаш изматете за да се соедини.

Во посебен сад сипете ладна слатка павлака, додајте шеќер по вкус (ако не е доволна слатка) и изматете со миксер додека да добиете шлаг. Потоа добиениот шлаг сипете го во пудингот и промешајте со лажица или кујнска шпатула додека целосно да се соединат и изедначат.

Добиениот крем излејте го врз оладениот пандишпан, рамномерно распоредете го и израмнете. Колачот оставете го два часа во фрижидер за убаво да се стегне. Во меѓувреме растворете го вториот желатин во ладна вода и оставете го настрана да набубри.

Од тегла компот вишни процедете ги плодовите и сочувајте ја течноста. За да ви биде декоративна тортата, со помош на лажичка наредете ги вишните една до друга преку целата површина. Набубрениот желатин растопете го во микробранова печка или на пареа и додајте го во сокот од вишни.

Промешајте за да се раствори добро, па полека прелијте ја преку вишните. Колачот оставете го уште најмалку 4 часа во фрижидер, а потоа отстранете го калапот и послужете. Деталите можете да ги погледнете во видеопрезентацијата ОВДЕ.