Ако имате јајца и млеко направете ја оваа смеса од која се пече кора, највкусното нешто што сум го пробала досега. Откако ќе се олади, кората може да се филува со солен намаз или сладок намаз и овошје, па да се ролува во ролат. Одлично е за појадок, како закуска или како десерт.
Го направив за појадок и ова беше најдобриот појадок што досега сме го имале. Веднаш испеков и втора кора, овојпат ќе ја филуваме според предлогот од рецептот со мешавина од крем сирење и хопла со некое овошје, а може да ја премачкаме и само со пудинг (видеото со постапката можете да го погледнете подолу во текстот).
Некои го нарекуваат „Јоркширки пудинг“, но се пече во вид на мафини или во помала тепсија/тава, но овојпат целата смеса се излева во големиот плех од рерна во вид на кора, а потоа се чека да се олади, па се ролова. Она што е најинтересното во текот на печењето, е како оваа кора нараснува како „Карпатите“. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 3 јајца, 400 мл млеко, 200 г брашно, 1/4 лажичка сол, 20 мл растопен путер (или масло).
ЗА ФИЛ (предлог 1): 250 г крем сирење, павлака 50 г, 50 г шеќер во прав, бобесто овошје.
(Предлог 2): пудинг од ванила приготвен според упатството и шумско овошје.
(Предлог 3): нутела или пудинг од чоколадо со комбинација од банани, рендан лешник и шлаг. (Предлог 4 – солена варијанта): крем сирење – намаз, листови шунка и кашкавал, кисела павлака
ПОСТАПКА: Во подлабок сад пенасто изматете три јајца со малку сол (прстофат или 1/4 лажичка) со помош на виљушка или жица маталка.
Потоа започнете додајте половина од вкупното млеко, околу 200-250 мл млеко. И јајцата и млекото треба да бидат на собна температура.
Промешајте добро да се изедначи, па додајте го брашното. Изматете додека целосно да се соединат состојките и да добиете изедначена, мазна смеса без грутчиња (како густа смеса за палачинки). Потоа додајте го и остатокот од млекото, па повторно промешајте.
Најпосле додајте го растопениот путер/маслото, промешајте да се инкорпорира и вашата смеса е спремна.
Земете еден плах од рерна со големина од 40х35 см, па обложете го со хартија за печење. Излејте ја смесата и ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 степени, 20-25 минути.
Кога ќе се испече извадете ја од плехот со хартијата, превртете ја и отстранете ја хартијата. Оставете да се олади. За тоа време пригответе фил по ваш вкус, а може едноставно да ја премачкате со џем, нутела, некој сирен намаз…
Откако ќе го свиткате ролатот оставете го половина час да се стегне во фрижидер, а потоа одозгора декорирајте го по ваш вкус, а може едноставно да се нароси со шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.