За оваа пита од јаболка има повеќе варијанти, во зависност од продуктите кои ги имате во мометот, но и од вашиот вкус. Може да додадете ореви, суво грозје или друго суво овошје по ваш избор.
Во некои рецепти се излева прво дел од тестото и се запекува, па потоа се сипаат јаболката претходно пржени со малку ореви, па се залива со остатокот од тестото и се допекува. Одозгора може да се нароси со шеќер во прав. Еве што ви е потребно за овој рецепт:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 250 мл, се пече во плех 35х25 см): 2 јајца, половина чаша шеќер, половина чаша масло, 1 чаша брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 лажичка цимет во прав, 3 јаболка со средна величина, 100 г суво грозје, малку помалку од половина чаша јогурт (80 мл)
ПОСТАПКА: во подлабок сад скршете две јајца и изматете ги со кујнска жица-маталка. Додајте половина чаша шеќер и продолжете со матење додека шеќерот да започмне да се растопува. Потоа додајте половина чаша масло за готвење, па повторно измешајте додека да се инкорпорира и изедначи.
Јаболката измијте ги, излупете ги, па започнете да се сечете на тенки ливчиња. можете да ги сечете со „сечко“, на даска или пак, директно во мешавината од изматени јајца. Сечете ги колку што можете потенко.
Со кујнска шпатула промешајте за да се распоредат рамномерно во мешавината. Потоа додајте 100 грама суво грозје и една полна лажичка цимет во прав. Сувото грозје нема потреба претходно да го натопувате за да набубри, но доколку сакате специфична арома, можете да го потопите во рум или некој сок.
Повторно промешајте додека состојките рамномерно да се распоредат. Најпосле додајте една чаша брашно и една кесичка прашок за печиво. Полека и внимателно промешајте додека сето брашно да се впие во мешавината.
Кога ќе сте сигурни дека сето е добро измешано и нема грутчиња од брашното, додајте приближно 80 мл јогурт (нешто помалку од половина чаша). И повторно промешајте за да се распореди и јогуртот. Смесата е готова.
Плех или калап со димензии 35х25 см или приближно добро намастете го со путер, на дното и ѕидовите. Може да користите и помал калап за да добиете повисок колач. Излејте ја смесата и израмнете, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 25 минути. Кога ќе се олади наросете шеќер во прав. Деталите погледнете ги ОВДЕ.