I РЕЦЕПТ – Божиќен германски колач со суво овошје, бадеми, ореви или лешници – Штолен – мек како памук и мирзлив како Божиќ. Фотографија и рецепт на Славица Распоповиќ – Божиќен германски колач – Stollen.

Штолен е германски традиционаленен божиќен колач, кој направи инвазија во целиот свет, па дури некои британски медиуми загрижено изјавија: “Германците ни го украдоа Божиќ”, бидејќи нивниот традиционален колач полека го заменија со германскиот.

Шега на страна, несомнено е зошто и рецептот за овој колач сите ги освои: прекрасен е и со мирис и вкус, а има и долг рок на траење. Потребни состојки: 300 г суво овошје (користев суво грозје, брусница, помело и папаја), 100 мл рум или некој домашен ликер, 400-500 г брашно, 1/3 коцка свеж квасец или 1 кесичка сув,

Потоа, 50 г шеќер, 200 мл млеко, 1 ванилин шеќер, малку сол, 2 лажици зачин за медењаци (овојпат измешав ѓумбир во прав и цимет), 2 јајца, 175 г омекнат путер, 100 г мелен бадем или ореви, лешници, околу 50 г путер за премачкување на колачот кога ќе биде готов, шеќер во прав за наросување.

Постапка: Сувото грозје оставете го неколку часови натопено во румот додека да го впие и набубри. Доколку не го сакате вкусот на румот, тогаш закиснете го во сок од портокал. Ова најдобро е да се направи преку ноќ. Млекото загрејте го да биде млако, па во него додадете го квасецот и лажица шеќер, промешајте и оставете да се активира квасецот околу 10-тина минути.

Потоа додадете го просеаното брашно, остатокот од шеќерот и ванилата, прстофат сол, зачини по вкус (кардамом, ѕвездест анасон – мелен, или цимет и ѓумбир), јајцата и омекнат путер исечен на коцки. Добро измесете ја смесата машински околу 5 минути, а можете и рачно.

Се добива меко тесто кое треба да се покрие со проѕирна фолија и да се остави да стасува околу 1-2 часа додека убаво да ја удвои величината. На малку набрашнета површина истресете го тестото, со прстите развлечете го во правоаголна кора, па врз него распоредете го набубреното суво грозје, сечкани бадеми/лешници/ореви, сечкано друго кандирано овошје.

Потоа тестото само склопете го од сите страни и полека замесете го за да се измешаат состојките и да се распоредат во тестото. Обликувајте го колачот како векна (прво развлечете во правоаголна кора, па преклопете) и ставете го во плех претходно обложен со хартија за печење.

*Бонус: Тестото може да го развлечете во кора, врз него да ставите тенка кора од марципан и да го свиткате како ролат. Откако малку ќе стаса, ставете го да се пече во загреана рерна на максимум, но кога ќе се стави колачот, температурата се намалува на 180 степени додека да добие убава боја, околу 50 минути. Додека е топол целиот премачкајте го со путер и наросете го со шеќер во прав. Сечете го кога ќе излади.

II РЕЦЕПТ – Божиќни колачиња со мед и ореви – посни и превкусни, неодоливо мирисаат. Рецепт и видео презентација на Мои Домашни рецепти – Божиќни колачи со мед и ореви. Потребни состојки: 2 супени лажици мед, 200 мл маслиново масло, 200 мл сок од портокали, 2 супени лажици шеќер во прав, 1 кафена лажичка цимет, ½ кафена лажичка каранфилче, кора од портокал, 500 г брашно, 10 г прашок за печиво, 5 г сода бикарбона.

За шербет: 350 мл вода, 400 г, шеќер и цимет. Постапка: Најпрво пригответе го шербетот за да има време да се олади. Во тенџере на оган ставете 350 мл вода, 400 г шеќер и 2 стапчиња цимет. Откако ќе зоврие сирупот варете го 2 минути. Сирупот оставете го на решетка малку да подизлади, па додадете две лажици мед, промешајте и оставете целосно да се излади.

Во длабок сад ставете 200 мл маслиново масло, 200 мл сок од портокали, 2 супени лажици шеќер во прав, една лажичка цимет и половина лажичка каранфилче. Убаво измешајте со маталка за да се соединат состојките, а потоа додадете една кажичка рендана кора од портокал и 500 г просеано брашно заедно со 10 г прашок за печиво.

Замесете со рака додека да се соединат состојките во изедначено меко тесто кое лесно се обликува. Кинете од тестото и формирајте топчиња со величина на голем орев или по желба и редете ги во плех обложен со хартија. Ставете да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.

Топлите печени колачи спушетет ги во ладниот сируп и оставете ги неколку минути за да го впијат. Повремено превртувајте ги за да можат рамномерно да се натопат. Секое од колачите откако ќе го натопите во сирупот, малку боцнете го со виљушката за да може убаво да прими. Одозгора премачкајте ги со разреден мед и наросете ги со мелени/сечкани ореви. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.

III РЕЦЕПТ – Колач за 10 минути – Ролнички од обланди со кекси и ореви, ситни божиќни колачи кои сите ги сакаме. Рецепт и видео презентација на “Шерпица” – Колач за 10 минути. Рецепт за крцкави ролнички од обланди со вкусен фил од чоколадо, кекси и ореви.

Можат долго да стојат, супер се цврсти така што и на собна температура нема многу да омекнат. За посни колачи користете посни намирници (посен маргарин, растително млеко или сок, посно чоколадо и кекси). Потребни состојки: 2 листа обланди, 100 г шеќер, 150 г чоколадо, 150 г путер или маргарин, 1 лажица рум (не мора), 100 мл млеко, 3 лажици мелени ореви, 2 лажици мелени кекси, *лажиците полнете ги до врв.

За декорација: 50 г чоколадо, 1 лажица масло или шеќер во прав за наросување. Постапка: Листовите обланда завиткајте ги во влажни кујнски крпи за да омекнат. Оставете ги вака завиткани околу половина час. Дури кога обландите ќе омекнат започнете со подготовката на филот.

Сите состојки (путер, шеќер, млеко, рум и чоколадо) освен кексите и оревите ставете ги во тенџере на оган. Мешајте додека смесата да се растопи и да се изедначи. Потоа додадете ги мелените ореви и кексите, па добро промешајте. Со овој фил премачкјате ги корите од погрубата страна.

Секоја лист обланда пресечете го по должина на три еднакви делови, свиткајте ги во ролат и оставете ги да отстојат во фрижидер еден час. Потоа сечете ги, декорирајте ги и уживајте во одличниот вкус. Поубави се ако се јадат следниот ден. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.

IV РЕЦЕПТ – Оревчиња, најубави ситни божиќни колачи – имаат долг рок, вкусот им е фантазија, а може и да се замрзнуваат. Рецепт и видео презентација на Марко Стрижак – Ситни колачи “Оревчиња”. Ова се едни од задолжителните ситни колачи кои се прават за Нова година и Божиќ, не само поради вкусот, туку и поради тоа што можат долго да стојат.

А колку подолго стојат, уште поубави се. Доколку го немате рецептот за “оревчињата”, тогаш додадете го на списокот заедно со ванилиците, распуканчињата и карамелите. Потребно е да набавите калапче за да го добиете овој облик, а се купува од кинеските продавници или се порачува од интернет.

Потребни состојки: 150 г путер на собна температура, 60 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 100 г ореви, 100 г остро брашно, 100 г меко брашно, 1 лажица рум, 1 лажица какао. За крем: 2 јајца, 100 г шеќер, 150 г ореви, 150 г путер, 1 лажица рум. Постапка: Во путерот додадете го шеќерот и ванилата, па убаво пенасто изматете со миксер.

Додадете ги оревите, промешајте, па рум и уште еднаш кратко промешајте. На страна измешајте ги сувите состојки: брашното и какаото, промешајте, па во два наврати додадете го во претходната смеса. Уште еднаш измиксајте за да се соеиднат состојките.

Калапите за “оревчињата” намастете ги со путер или маргарин, малку наросете ги со брашно и вишокот истресете ги. Потоа полнете ги со смесата и до прстот притиснете во средината за да оставите простор за филот (погледни видео). Ставете ги во претходно загреана рерна на 200 степени да се печат 10 минути.

До дека се топли само потчукнете ги и ивадете ги од калапчињата. За фил: Во посебен сад изматете ги јајцата со шеќерот (со жица за матење), па ставете ги на пареа за да се сварат со постојано мешање околу 15 минути. Оставете да с еоладат. Додадете ги оревите и малку измиксајте со миксер.

По желба додадете и рум. На крај додадете путер омекнат на собна температура, па заедно соединете со миксерот. Филот оставете го малку во фрижидер за да се стегне, па потоа полнете ги кексите. По две половинки спојувајте ги со филот. Деталите од постапката можете да ги погледнете погледнете во видеото ОВДЕ.

V РЕЦЕПТ – БОЖИЌНА ТОРТА – Едноставно е совршена, нема што многу да се зборува, во неа се ужива. Фотографија и рецепт на Линда – Божиќна торта со неодолив мирис и многу суво и кандирано овошје. По избор можете да користите овошје какво што сакате, но можете да го искористите и мојот предлог.

Потребни состојки: 220 г брашно, ¼ лажичка сол, ½ лажичка цимет, ½ лажичка кардамом, ½ чажичка каранфилче, 200 г путер или маргарин, 2 лажици мед, 1 лажица џем, ½ лажичка екстракт од ванила, 4 јајца. И уште е потребно: 800 г суво овошје (јас ставив по 200 г суво грозје, суви сливи, суви кајсии и суви смокви), 100 г кандирана кора од портокал, 100 г кандирани вишни/цреши, 100 г сечкани бадеми, 250 мл сок од портокал, 2-3 лажици рум, 200 г шеќер.

Постапка: Сувото овошје (освен бадемите) натопете ги во сок од портокал и рум, па оставете ги преку цела ноќ да киснат. на тој начин ќе се ароматизираат и рехидрираат. Следниот ден изматете го путерот со шеќер, додавајте едно по едно јајце и матете додека убаво да се соедини.

Додадете ги зачините, медот, џемот и брашното. Промешајте. Потоа додадете го натопеното суво овошје и бадемите, па лесно со лажица промешајте. Ако останало вишок течност, исцедете го овошјето, но не премногу. Тоа треба да биде влажно и набубрено.

Смесата излејте ја во калап за торти, претходно обложен со хартија за печење, па протресете и израмнете. Калапот е најдобро да биде со средна величина, па доколку одберете помал, тогаш тортата ќе биде повисока, а ако одберете поголем, тогаш таа ќе ќе биде потенка и пониска.

Божиќната торта печете ја во претходно загреана рерна на 150 степени околу три часа. Поради влажната конзистенција на овошјето, потребно е тортата да се пече подолго време, за да испарат сите течности и да добие на мекост и ровскот. Кога ќе се испече не ја вадете веднаш од хартијата, туку добро завиткајте ја во фолија, па ставете ја во некој сад со капак, кој можете да го затворите и чувајте ја во фрижидер.

Колачот можете да го испечете уште отсега, а да го послужите за Божиќ. Потребно е само еднаш седмично да го полиете со 1-2 лажици сок од портокал и 1 лажица рум за да ја одржувате неговата свежина. Овој колач обично се приготвува 3-4 седмици пред Божиќ за да може убаво да зрее, но исто така, можете да го направите било кога и веднаш после печењето да го послужите. Колачот е превкусен./Coolinarika.com.

VI РЕЦЕПТ – Божиќна гранка – чоколаден ролат со фил од карамел. Фотографија и рецепт на ЛуАн. Божиќ е нашиот омилен празник, а божиќната гранка е нашиот задолжителен колач. Потребни состојки: 6 јајца, 150 г шеќер, 30 г какао, 30 г брашно, ¼ лажичка прашок за печиво и 1 прстофат сол.

За фил: 300 г шеќер, 60 мл вода, 500 мл слатка павлака, 100 мл кисела павлака, 1 ванилин шеќер, 1 прстофат сол. За чоколаден ганаш: 200 г темно чоколадо и 200 мл слатка павлака. Постапка: Најпрво пригответе го филот: во еден сад ставете го шеќерот да се вари заедно со водата.

Не треба да се меша, зошто тогаш се создаваат кристалчиња покрај работ на садот. Оставете полека да се готви 5-7 минути. Пред крајот шеќерот ќе започне да ја менува бојата, па затоа треба да се внимава зошто секунди се прашање кога од карамел боја ќе премине во изгорен шеќер.

Значи, штом се карамелизира, веднаш трегнете го од оган и полека додадете ја половината од слатката павлака. Полека мешајте бидејќи на почетокот се создаваат меури. Кога меурите ќе спласнат, вратете го садот на оган и варете со мешање додека целиот карамелизиран шеќер да се растопи.

Тргнете од оган и оставете целосно да излади. Во изладениот карамел со миксер измешајте ја киселата павлака, солта и ванилин шеќерот. Покријте со фолија и ставете во фрижидер околу 2 часа за добро да излади. Пригответе ја кората: Додека карамелот се лади, направете ја кората за ролатот:

Одвојте ги жолчките од белките, а шеќерот поделете го на половина, а брашното, какаото и солта просејте ги. Пенасто изматете ги белките, па постепено додавајте половина од шеќерот и миксајте додека да добиете цврст снег. Во посебен сад изматете ги жолчките со другата половина од шеќерот, додека да побелат.

Внимателно и полека со шпатула соединете ги белките и жолчките, па на крај додадете ги брашното и какаото. Најголемиот плех од рерна обложете го со хартија за печење, па премачкајте со путер и наросете со какао (брашното остава бела боја). Излејте ја смесата рамномерно и израмнете.

Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 9-10 минути. Кога ќе се испече оставете го неколку минути во плехот, а потоа заедно сосе хартијата префрлете го на решетката за да се олади. Кога ќе се исуши само прекријте го за да не се исушат рабовите, нема потреба од виткање.

За ганаш: Искршете го чоколадото и прелијте го со затоплена слатка павлака (не зовриена!) и мешајте додека да се растопи и соедини. Кога целосно ќе излади изматете со миксер за да стане пенасто. Кога сè е сварено, испечено и изладено, довршете го филот така што остатокот (другите 350 мл) од слатка павлака ќе го измиксате во шлаг, но не до крај, нека остане малку помек.

Полека со миксерот додавајте го шлагот во карамелот додека да добиете убав цврст крем. Со приготвениот фил премачкајте ја изладената кора и свиткајте во ролат. Обвиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер да излади околу 2 часа. Потоа извадете го во поголема чинија за сервирање и со помош на шприц нанесете го крем-ганашот и наросете со шеќер во прав.

VII РЕЦЕПТ – За Божиќ секогаш е на нашата маса: КУГЛОФ со суво овошје, еден од поубавите. Фотографија и рецепт на Ивана – Божиќен куглоф со суво овошје. Може да се приготвува во калап за куглоф или било каков калап. Ако го печете во правоаголен калап, тогаш можете да го сечете на коцки.

Како и да одлучите ќе добиете прекрасно печиво од кое ќе ви замириса домот неодоливо. Потребни состојки: 120 г омекнат путер, 6 лажици масло, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 прстофат сол, 2 јајца, 250 г свежо полумасно сирење, 370 г брашно, 1 прашок за печиво, 5 лажици млеко, 150 г суви кајсии (омекнати во ликер), 100 г суво грозје (омекнато во ликер) и шеќер во прав за наросување.

Постапка: Намастете го и набрашнете го калапот за куглоф. Сувите кајсии исечкајте ги. Омекнатиот путер изматете го пенасто со миксер. Едно по друго додавајте и матете: масло, шеќер, ванилин шеќер и сол. Миксајте додека сите состојки да се соединат.

Додадете едно јајце и матете половина минута со најголема брзина, па додадете го второто јајце. Брзо додадете го и изматете го сирењето. Промешајте го брашното и прашокот за печиво, просејте ги, па половината додадете ја во смесата матејќи на средна брзина. Додадете млеко, па втората половина од брашното.

Сувото грозјте и исечканите суви кајсии додадете ги и измешајте ги со најмала брзина. Тестото излејте го во калапот и израмнете. Печете го 60-тина минути во загреана рерна на 180 степени. Печениот куглоф оставете го 10 минути во калапот, а потоа извадете го на решетка. /Coolinarika.com.

VIII РЕЦЕПТ – Колачи БОЖИЌНИ БАКНЕЖИ со прекрасен вкус на лешник – најубавите божиќни колачи. Ова се најубавите божиќни колачи, пробајте ги и уверете се. Потребни состојки: 150 г брашно, 50 г шеќер во прав, 2 лажички ванилин шеќер, 100 г путер на собна температура, 1 жолчка, 2 прстофат сол и 1 лажица ладно млеко.

За фил: 100 г мелени лешници, 3 лажици мед, 1 лимон – сок и кора од ½ лимон. За целувките: 3 белки, 210 г шеќер, 2 лажички лимонов сок. За декорирање: 50 г чоколадо за готвење. Постапка: Во брашното ставете 2 прстофати сол, 50 г шеќер во прав, 2 лажички ванилин шеќер, 100 г омекнат путер на собна температура и една сирова жолчка од јајце.

Прво со лажица, а потоа и со рака измесете ги состојките за да добиете тесто. Пред крај додадете една лажица ладно млеко и домесете го тестото додека да престане да се рони и стане компактно. Тестото завиткајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да излади 10-15 минути.

Врз набрашнета работна површина развлечете кора со дебелина од 4-5 мм. Потоа со калап 3 см вадете кругови и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Остатокот од тестото, повторно замесете го и развлечете го во тенка кора, па вадете тркалца додека не се потроши целото.

За фил: Во 100 г мелени лешници ставете три лажици мед и со помош на две лажици убаво размешајте. Потоа додадете сок од еден лимон и изрендајте малку кора. Изедначете ја убаво смесата, па со лажичка вадете и филувајте ги тркалцата. За снег од белки:

Три белки убаво изматете ги со прстофат сол. Постепено додавајте 210 г шеќер и матете околу 10 минути додека тој целосно да се растопи и да добиете убав, цврст снег. Потоа додадете 2 лажички лимонов сок и матете уште 5 минути. Шеќерот не смее да крцка, мора да биде убаво растопен.

Со помош на шприц за шлаг, правете целувки врз филуваните кругови. Ставете да се печат во загреана рерна на 160-170 степени околу 12-15 минути. Извадете ги од плехот (без да ги допирате, само извлечете ги заедно со хартијата) и оставете ги целосно да изладат.

За тоа време, 50 г чоколадо растопете го на пареа и истурете го во кесичка на која ќе и го отсечете врвот, па декорирајте ги божиќните целувки. Сите детали можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

IX РЕЦЕПТ – СНЕЖНИ БОЖИЌНИ ТОПЧИЊА – не ви треба рерна. Божиќните колачи, бисквити и други слатки се задолжителни на празничната трпеза, а овој Божиќ можете да го збогатите со овие прекрасни снежни топчиња кои не се печат, а веднаш ќе ве освојат со вкусот на бадем.

Лесно се приготвуваат а можат да ви помогнат и вашите деца. Снежните топчиња се посебни и затоа што се вегански, односно во рецептот не се користат намирници од животинско потекло. Состојки за 18 снежни топчиња: 190 до 200 г бланширани бадеми, 800 мл топла вода, 1 лажица амарето екстракт, 1 лажица стопено кокосово масло, 2 лажици агаве, ¼ лажичка сол, 100 г бадемово брашно и 260 г шеќер во прав.

Постапка: Бланшираните бадеми ставете ги во сад и прелијте ги со топла вода. Оставете ги да киснат околу два часа за да омекнат. Процедете ги бадемите па ставете ги во миксер заедно со екстракт од амарето, кокосово масло, агаве и сол. Миксајте на силна брзина околу 2 минути, односно додека мешавината да стане густа паста.

Префрлете во сад, додадете бадемово брашно и добро измешајте. Со помош на лажица обликувајте топчиња, а потоа обилно валкајте ги во шеќер во прав. Наместо шеќер можете да користите и кокос. Топчињата наредете ги на хартија за печење па оставете ги да одморат 30 минути за да зацврстат. Снежните топчиња послужете ги веднаш или складирајте ги во сад и чувајте ги во фрижидер.