Лимонот не само што е здрав, туку може да ви помогне и во домашните работи, особено во чистењето. Сокот од лимон има толку многу придобивки во домаќинството, а кората не треба да се фрла.

Користете го целиот лимон – сок, пулпа и кора. Можеби се прашувате, зошто и кората? Бидејќи придобивките од лимоновата кора се многубројни: од чистење до помалку познати како што се: белење заби, отстранување дамки од ‘рѓа, осветлување на кожата и многу повеќе!

ЧИСТЕЊЕ НА МИЈАЛНИК И КАДА: Исчистете ги мијалникот и кадата со помош на сода бикарбона и лимонов сок. Површината треба да биде влажна, а врз неа да наросите сода бикарбона.

Потоа искористете ја исечената страна на лимонот како сунѓер за да ја исчистите површината. Овој метод ќе ја отстрани нечистотијата, ќе делува како „белило“ и ќе направи мијалникот и кадата да блеснат.

Овој метод многу успешно се користи и за отстранување на дамки од работните површини во кујната, и тоа оние најзакоравените како што се траги од цвекло или куркума на пример.

Садовите нека засветат

Лимонот делува како одмастувач поради лимонската киселина која ја содржи. Со леснотија ги отстранува масните дамки од чиниите, чашите и воопшто од сите кујнски садови.

Во водата за миење садови ставете лимонова кора за полесно да ја отстраните маснотијата од чашите и сребрениот прибор. Исто така, цел или половина лимон можете да оставате и во машината за миење садови.

Отстранете ги дамките на облеката

Втријте со половинка лимон врз масните дамки на облеката или на местата под пазувите. Оставете да отстои преку ноќ. За позакоравени дамки, наросете и малку сода бикарбона преку дамката натопена со лимонов сок. Добро истријте внимавајќи да не ја оштетите ткаенината, а потоа испрете вообичаено.

Исчистете го ѓезвето за кафе

Киселината во лимонот ја раствора и разложува тврдата вода и загорените дамки од кафе во ѓезвињата и електричните садови за варење кафе. Во ладно ѓезве или сад за кафе ставете кора од лимон, неколку лажици сол и шолја или две мраз.

Измешајте ги состојките неколку минути или додека дамките целосно да се отстранат. Ако дамките се тврдокорни, оставете ја смесата во садот и оставете да кисне неколку часа или преку цела ноќ. Добро исплакнете пред повторна употреба.

Дамки од чист сапун и тврда вода на вратата од туш кабината

Дамките од тврда вода се формираат поради минералите во водата, а дамките од сапуница како резултат на реакцијата на минералите од водата со сапунот.

Веќе знаеме дека лимонот совршено ги отстранува ваквите наслаги, па земете половина кора од лимон, посипете со сол и втријте директно на вратата од тушот. Добро исплакнете кога ќе завршите.

Отстранете ги дамките од ‘рѓа

Киселината во лимонот помага и да се отстранат дамките од ‘рѓа. Посипете ја дамката со сол и истријте ја со половина лимон. Оставете го лимонот да отстои неколку часа, повремено тријте го ако е потребно. Доколку дамката сè уште не иcчезнала, оставете го лимонот на површината преку ноќ, а потоа добро исплакнете со вода.

Избелeте ги забите

Содржината на киселина во кората од цитрус може да ги избели и осветли потемнетите заби. Внатрешниот бел дел од кората од лимон втријте го неколку минути на забите за да постигнете избелувачки ефект. Исплакнете со вода по употреба. Користете го со претпазливост најмногу еднаш неделно, за да не ја оштетите забната глеѓ.