Кога тенко и сочно парче месо ќе се испохува двојно во јајца и лебни трошки, се добива познатото јадење наречено „виенска шницла“. Месото одвнатре останува сочно и ги задржува сите сокови.

На сличен начин се приготвуваат и овие шницли од тиквички, со мала разлика во похувањето. Излегуваат сочни и многу вкусни, исто како виенските. Толку многу ни се слади ова јадење што утре ќе го правиме пак. Еве што е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 тиквички, сол и црн пипер по вкус, 4 јајца, 2 супени лажици цврст јогурт или кисела павлака, 100 г рендан кашкавал, 1 мала лажичка црвен пипер во прав, зачини по вкус, 5 супени лажици лебни трошки/презла и 2 супени лажици брашно

ПОСТАПКА: Тиквичките добро измијте ги под млаз ладна вода. не треба да ги лупите. Отсечете ги краевите на дршките и исечете ги на тенки ленти со дебелина од 5 мм. За попрецизно да ги исечете, можете да ги обележите со виљушка.

Исечените лентички рамномерно посолете ги и наросете црн пипер. Протријте ги за да се распоредат зачините и тргнете ги настрана малку да отстојат додека ја приготвувате смесата за похување.

Во подлабок сад скршете 4 јајца, па убаво изматете ги со виљушка. Додајте една лажичка црвен пипер во прав и една лажичка суви билки (оригано, босилек, италијанска мешавина или нешто по ваш избор), па повторно изматете за да се изедначи.

Во изматените јајца додајте и две супени лажици кисела павлака или цврст јогурт. Промешајте додека да се раствори, па додајте 100 г ситно рендан кашкавал. Добро измешајте со виљушката додека сите состојки рамномерно се распоредат.

Течната смеса е спремна, па останува да ги приготвите уште сувите состојки: во соодветен длабок сад измешајте 5 лажици лебни трошки со 2 лажици брашно. Похувањето е следно: лентите од тиквички најпрво добро навалајте ги во мешавината од трошки и брашно.

Бидејќи посолени отстојаа ќе бидат сочни и влажни, па трошките лесно ќе се налепат на нив. Потоа извалајте ги во мешавината од јајца, павлака и кашкавал, треба добро да се обложат од двете страни.

Спуштајте ги во загрено масло на умерена температура и пржете ги под капак по 3 минути од двете страни додека убаво да заруменат. Пржените тиквички вадете ги врз хартиена салветка. Можете да ги послужите и како главно јадење со прилог и салата. Деталите погледнете ги ОВДЕ.