Турчинките имаат вешти раце и секогаш кога сум одела во нивната земја, најмногу обожавав да ги испробувам нивните теста за разни лиснати печива и лебови. Ги прават во секакви варијанти, од благи до солени, со разни семки и комбинации на кремови, џемови или филови со сирење, различни видови на кашкавали…




Последниот пат кога седев во еден локален ресторан, го порачав овој леб и бев многу воодушевена од вкусот. Хостесата од ресторанот забележа дека се распрашувам за лебот и пред станување, ми го подаде рецептот, запишан на едно ливче. Бев пријатно изненадена од постапката и веднаш штом се вратив дома го испробав. Лепчето е готово за кратко време и не треба месење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 мл топла вода, 5 г сув квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 350 г пченично брашно, 50 г семки од сончоглед или семки од тиква (може и мешавина), маслиново масло, малку водичка за попрскување и уште малку семки за одозгора.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 350 мл топла вода. Додајте го сувиот квасец, промешајте, па додајте 1 лажица шеќер. Соединете ги состојките со шпатула или со лажица и оставете мешавината да отстои неколку минути, додека квасецот малку да набубри.




Додајте малку од солта и почнете постепено да го додавате брашното, на два наврати. Мешајте ја смесата, додека да почне да се соединува и да добие густа конзистентност. Ќе добиете смеса која лесно се растегнува и малку е леплива, но таква треба да биде, нема да добиете класично, цврсто тесто.




На крајот, додајте ги сончогледовите семки и убаво вмешајте ги во тестото. Во садот каде што го соединивте тестото, покријте со памучна крпа или пластична фолија и оставете да нарасне околу 30-тина минути, на топло место. Подгответе еден калап со димензии 12х25 см и намастете го со маслиново масло од сите страни.




По нараснувањето на тестото, прелијте го во садот кој го намастивте и убаво израмнете го, да биде распоредено насекаде подеднакво. Одозгора намастете го тестото на површината со уште малку масло и оставете да отстои уште 20-тина минути да нарасне во садот, покриено под крпа. По желба, наросете уште малку семки.




Ставете го лепчето да се пече во претходно загреана рерна на 250 степени, околу 15-тина минути, на најгорната решетка. Потоа отворете ја вратичката од рерната и попрскајте ја малку површината на лепчето со вода. Намалете ја температурата на рерната на 190 степени и допечете го лебот уште 20-25 минути, со повремено проверување.




По печењето, лебот се вади од калапот и се остава да се олади малку во памучна крпа, за да не се исуши. Потоа пресечете го на парчиња и послужете го. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.