Рецепт за традиционалното топено сирење, кое обично се служи како предјадење со фурнаринки. Рецепт на Лесни Оброци. Во ова видео не е вклучен рецептот за фурнаринки, но подолу во текстот може да го прочитате најдобриот рецепт за подготовка на фурнаринки.




Овој рецепт најдобро функционира доколку се приготви во глинен сад за печење.
Моите здели се малечки, па затоа оваа количина ми е доволна. Доколку вашите здели се поголемки, дуплирајте ја дозата. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 320 г мешано сирење (овчо и кравјо), помало парче моцарела, 340 г кашкавал, путер за премачкување на зделите, по 1 лажичка кечап во секоја здела, оригано, печурки, по 1 лажица павлака во секоја здела.




ПОСТАПКА: Кашкавалот изрендајте го на ренде, моцарелата исечкајте ја на тенки кругови, а мешаното сирење издробете го со виљушка. Рерната се вклучува да се загрее на 200 степени додека ги подготвувате зделите со кашкавал.




Во секоја здела се премачкува со полурастопен путер на дното и по страните, а потоа на дното се става 1 лажица кечап и убаво се распоредува низ целото дно. Потоа се наросува со малку оригано (по вкус) и се распоредува мешаното сирење. Врз мешаното сирење се редат печурките (опционално) по неколку во секоја здела.




Потоа на ред доаѓа моцарелата (по 1 парче во секоја здела), па со павлаката убаво се прицврсуваат состојките кои доаѓаат одоздола. На крајот се наросува со ренданиот кашкавал и се става на печење во претходно загреана рерна на 200 степени, додека кашкавалот да се растопи. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение прочитајте го најдобриот рецепт за фурнаринки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл топла вода, 2 1/4 лажички сув квасец, 1 лажица мед или шеќер, 2 лажички сол, 2 лажички маслиново масло, З шолји брашно. ПОСТАПКА: Измешајте го квасецот co медот или шеќерот во топлата вода. Оставете 10-15 минути додека квасецот да се активира.




Додајте сол, масло и половина од брашното, па добро промешајте. Остатокот од брашното додавајте го постепено, додека да добиете меко тесто кое не се лепи. Потоа, месете го околу 6 минути. Оставете го да нарасне 1-2 часа во сад прекриен со пластична фолија.




Обликувајте го како за пица или фурнаринки и одозгора наросете или наредете ги намирниците кои ги сакате. Ако сакате да направите пица, премачкајте го тестото со доматен сос, нарендајте кашкавал, ставете свежи печурки, салама по желба…




Ако сакате да направите фурнаринки тестото премачкајте го со 2 лажици растопен путер, па додајте кашкавал и сирење по желба.