Ова е еден од најбараните рецепти, зашто колачот освен што брзо и многу лесно се приготвува, исто така е многу вкусен и освежителен. Буквално се топи во уста, зашто целиот е кремаста и мек, а доволно цврст за да можат од него да се сечат убави и тенки парчиња.

Тоа го прави совршен колач како за секој ден, така и за свечени пригоди. Потребните состојки се евтини и сигурно веќе ги имате в кујна, па не мора да излегувате во специјални набавки. Единствено што треба е да имате малку трпение и да го оставите колачот во фрижидер да се олади, барем еден час. Рецепт на Јелена Николиќ. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 750 мл млеко, 7 супени лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 2 кесички пудинг со вкус на ванила (80 г), 1 полна супена лажица скроб/нишесте/густин, 125 г путер или маргарин, 2 полни супени лажици кисела павлака, 200 г петит бисквити или по ваш избор. И уште: 100 г шлаг, 200 мл ладно млеко или газирана вода за матење на шлагот

ПОСТАПКА: Во посебен сад помешајте го прашокот за пудинг и густинот/скробот, па додајте 200 мл ладно млеко и промешајте додека состојките да се растопат и смесата да биде мазна, без грутчиња.

Остатокот од млекото, 550 мл сипете го во тенџере и ставете го на оган да се загрева на умерена температура. Додајте го шеќерот и ванилата и промешајте за да се растопи. Штом млекото се загрее, некаде пред зовривање (не треба да зоврие), полека додајте го растворениот пудинг и мешајте енергично.

Варете го пудингот додека убаво да се свари и згусне, а за цело време не прекинувајте со мешањето за да не ви загори на дното. Потоа тенџерето тргнете го од рингла и додека сè уште е врело, додајте го путерот исечен на помали коцки и мешајте за да се растопи и апсорбира во пудингот.

Кога смесата ќе биде соединета, додајте ја киселата павлака и повторно промешајте убаво. На крај додајте ги бисквитите претходно искршени со рака, на помали или поголеми парчиња по желба. Добро промешајте за рамномерно да се распоредат и да се натопат во пудингот.

Целата содржина излејте ја во претходно подготвен калап (24 или 26 см) претходно обложен со проѕирна-стреч фолија (ако нема флексибилен обрач) или силиконска рамка. Оставете го колачот во фрижидер да се олади и стегне најмалку 3-4 часа, а ако ви брза доволно е еден час во замрзнувач.

Потоа извадете го од фрижидер, внимателно отстранете го обрачот или фолијата, па декорирајте го со шлаг. Шлагот изматете го со ладно млеко или со газирана вода според упатството на кесичката. Потоа вратете го колачот уште кратко во фрижидер колку да се олади и стегне шлагот, па сечете го и послужете го. Рецепт на Јелена Николиќ.