Многу вкусна и декоративна погача. Уште еден рецепт-варијанта на лисната пита со путер и сирење во облик на полжав. Постапката и рецептот ги видов некаде на интернет, но тоа беше во слатка варијатна – цимет погача, а јас ги зголемив состојките и направив голема погача. Вие можете да направите и помала. Во продолжение прочитајте го рецептот на Јекаго:

Потребни состојки: 1 кг (+100 г) брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 1 коцка (40 г) свеж квасец, 200 мл млеко, 200 мл јогурт, 200 мл вода, 100 мл масло, 2 лажички сол, 2 лажички шеќер

За премачкување: 200 г путер, 200 г крем сирење (или некој друг, кремаст што се мачка), 1 лажичка сол. И уште: 1 жолчка, 4-5 лажици масло и сусам или кој какво сака семе за наросување на питата одозгора

Постапка: во 200 мл млако млеко ставете една лажичка шеќер, лажичка брашно и иситнете го квасецот. Убаво промешајте за да се раствори, па оставете на топло додека да се активира и запени.

За тоа време, 1 кг брашно просејте го и помешајте го со прашокот за печиво. Јогуртот, водата и маслото затоплете ги да бидат млаки (но да не се премногу врели), па истурете ги во подлабк сад за месење.

Додајте шеќер и сол, активираниот квасец и со постепено додавање на брашно, замесете убаво меко тесто. Тестото покријте го и оставете го на топло место, најдобро во затворена рерна, додека да го удвои својот волумен, околу половина час.

Омекнатиот путер (на собна температура, да може да се размачкува) измешајте го со крем сирењето. Втора варијанта е тестото да се премачка само со крем сирење и одозгора да се изренда путер. Но, филот секој го приготвува по свој вкус, па така и вие.

Работната површина набрашнете ја, па со оклагија развлечете го тестото во кора со дебелина од половина прст и димензии околу 60х40 см. Исечете ги краевите ако се нерамни.

Целата површина од кората премачкајте ја со мешавината од путер и крем сирење. Потоа исечете го тестото на ленти, по ширина. Јас добив осум ленти со ширина од околу 7 см.

Тепсијата (32 см) обложете ја со хартија за печење. Свиткајте една лента и поставете ја во центарот на плехот. Потоа земајте лента по лента и редете ги по ред, на крајот од претходната лента (значи само првата лента е свиткана, потоа само се пренесуваат лентите и се “лепат” во круг).

Можеби ќе ви се види неуредно, но не грижете се, кога ќе се испече ништо не се забележува. Свитканиот полжав премачкајте го со жолчка измешана со малку масло, па наросете сусам.

Ставете во загреана рерна да се пече додека да зарумени, на 180 степени (или можеби времето и температурата е најдобро да ги прилагодите според вашата рерна). Идејата за редење на питата ја видов од интернет, стануваше збор за голема цимет ролна, но јас сакав да направам солена пита за роденденот на сестра ми.

Затоа мерката е голема зошто бевме повеќе луѓе, инаку полжавот може да се направи и од половина состојки и да се реди во помал плех. / Јекаго / Сооlinarika