Ова е многу познатата „Ѓеврек погача“ или уште позната како „Слоново уво“ поради круговите од тесто кое се редат прстенесто и до половина се филуваат со сирење или фил по желба. Многу интересна постапка за приготвување и едноставна. Во продолжение прочитајте три верзии.

I РЕЦЕПТ – ЃЕВРЕК ПОГАЧА со јогурт – би било штета да не пробатe толку вкусна погача. За некои е Слоново уво-прекраснотија!

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно тип 500 (меко), 40 г свеж квасец, 1 јајце, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 50 г маргарин, 250 мл млако млеко и 3 лажици јогурт. ЗА ФИЛ: 120 г маргарин, 1 јајце, 2 парчиња сирење. За премачкување: 1 жолчка, малку масло и сусам

ПОСТАПКА: Замесете го тестото од наведените состојки и оставете го стаса додека да го удвои волуменот. Развлечете со оклагија кора со дебелина од половина прст. Од тестото вадете кругови со чаша како за крофни. Круговите редете ги во длабока тепсија или тенџере во кое печете погачи во рерна.

Редењето е следно: секој круг легнува до половина врз претходниот, а помеѓу веднаш ставате фил. Оставете ја погачата 20-тина минути да стаса и нарасне, премачкајте ја со разматена жолчка, наросете со сусам и печете на 220 степени околу 30 минути. Кога ќе зарумени ставете одозгора фолија за да не изгори.

ФИЛ: маргаринот, јајцето и сирењето соединете ги со виљушка. Можете и друга комбинација да ставите по ваш вкус.

II РЕЦЕПТ – СЛОНОВО УВО – Одлична погача за било каков повод, а може и едноставно да си ја приготвите за вечера или појадок…ќе уживате во нејзиниот вкус.

Потребни состојки: околу 1 кг брашно, 3 јајца, 1 коцка свеж квасец, 200 мл масло, 1 лажичка сол, 400 мл млеко, 100 г сончогледови семки, 250 г маргарин, 1/2 лажичка шеќер, по желба сусам, ленено или црно семе…

Постапка: Во млако млеко растопете го квасецот со малку шеќер, па оставете 10-тина минути да се активира и запени. Во длабок сад за месење просејте брашно. Додајте сол и масло. Потоа додајте две цели јајца и една белка, а жолчката сочувајте ја за премачкување.

Додајте и сончогледови семки. Со активираниот квасец замесете мазно тесто, па покријте го и оставете го да стасува додека да го удвои својот волумен, околу 40 минути. За тоа време, во посебен сад растопете го путерот (или маргаринот). Оставете го да се подизлади.

Кога тестото ќе стаса, истресете го на набрашнета работна површина, па со помош на оклагија развлечете кора дебела еден прст. Со чаша вадете кругови од тесто. Гледајте чашата да има поголем пречник. Секој круг потопувајте го во разладениот, а сепак растопен путер.

Редете ги круговите од тесто во намастена тепсија еден преку друг, односно секој следен круг да лежи до половина врз претходниот (погледни фото). И на истиот начин продолжете додека да го завршите тестото. Ако ви остане од путерот, прелијте го врз погачата.

На крај оставете ја погачата повторно да одмори околу 20-тина минути. Потоа премачкјате ја со разматена жолчка и наросете со сусам или семе по ваш избор. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека убаво да зарумени, околу 45 минути. / ljubicinka – Coolinarika

III РЕЦЕПТ – Едноставна погача со сирење, на секој гостин му е омилена

Некои ја нарекуваат Слоново уво, но името не е толку важно кога погачата е превкусна. Мека и вкусна. Погачиците треба да бидат во облик на цвет, но јас немам одговарачка модла па ги правев со обична тркалезна (чаша). Тестото што ми останува после вадењето на цветовите-круговите, го искористувам за да направам полжави…

Потребни состојки: 1 кг меко брашно тип 400, 1 свеж квасец, 300 мл млеко, 300 г свежо сирење, 4 јајца, 1 лажица шеќер, 2 лажички сол, 200 мл масло и 20 г сусам

Постапка: Во соодветен сад соединете го млакото млеко, свежиот квасец, шеќерот, две лажици брашно и една лажичка сол, па добро промешајте и оставете на топло да се активира.

Во поголем сад за мешање ставете 500 г брашно, додајте го активираниот квасец, 3 јајца, остатокот од сол, сирењето и 200 мл масло. Приготвените состојки соединете ги, па постепено додавајте го остатокот од брашното и месете за да добиете мазно тесто.

Тестото покријте го и оставете го да стасува 40 минути, а потоа развлечете го со оклагија во кора со дебелина од 1 см. Со соодветен калап со пречник од 12 см вадете ги цветовите (круговите) од тесто, премачкајте ги со изматено јајце и наросете ги одозгора со сусам.

Тркалезна тепсија намастете ја со масло или путер/маргарин и наредете ги цветовите/кругови од тесто еден до друг, така што краевите да им се преклопуваат. Нанижете ги еден до друг во круг, така што секој следен круг малку го поклопува претходниот круг.

Вака приготвената погача оставете ја уште малку да стасува за да стане воздушеста, мека и да го удвои волуменот, па ставете ја во загреана рерна да се пече на 250 степени додека да зарумени. Температурата прилагодете ја според вашата рерна (од 220-250 степени). Ако забележите дека брзо потемнива, одозгора ставете хартија. / Coolinarika.com