Делегација на Германската амбасада во Скопје, предводена од Нејзината екселенција, амбасадорката Анке Холштајн, оствари работна посета на „Алкалоид“.

За време на посетата, амбасадорката Холштајн, чиј домаќин беше работна група на компанијата, предводена од Генералниот директор и Претседател на УО, Живко Мукаетов, беше запознаена со резултатите од работењето на компанијата, деловните активности, нејзините пласмани и со производственото портфолио.

Беа презентирани и големиот број инвестиции кои континуирано ги реализираше „Алкалоид“ низ годините, извозните операции на компанијата, како и големиот број активности и проекти во делот на корпоративната општествена одговорност.

Посебен акцент беше ставен врз Програмата за практикантство на „Алкалоид“ со дел од образовните институции за високо и за средно образование, која успешно се развива врз основа на позитивните пракси од европските модели на дуално образование, чија цел е зголемување на ефикасноста на образовниот потенцијал и продукција на стручен и обучен кадар, кој ќе биде способен да одговори на барањата на македонскиот пазар на трудот.

Амбасадорката Холштајн го изрази своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“, како и од успешната соработка со германски компании на тамошниот пазар, особено осврнувајќи се на високото ниво на технолошка опременост и на човечкиот капитал кој управува со процесите во „Алкалоид“, со кои имаше можност да се запознае директно, преку обиколка на производствените капацитети и на Институтот за истражување и развој, каде што голем дел од инсталираната опрема е набавена од германски производители.

Во текот на посетата беа презентирани и напредните информатичко-комуникациски практики во компанијата и придобивките од САП-системот, кој, исто така, е германско софтверско решение.

„ Среќна сум што имав можност да ја посетам компанијата Алкалоид, која е македонска гордост и најдобар пример за највисоки корпоративни вредности, постојан раст, вложување во развој, едукација, општествена одговорност и грижа за животната средина. Им посакувам уште поголеми успеси дома и во светски рамки.“, истакна Н.E., Холштајн.

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, изрази задоволство од оваа работна средба, која е од големо значење за продлабочување на билатералната соработка.

„ Вистинска чест е што денес како компанија имаме можност да го презентираме нашето работење пред Амбасадорката на Сојузна Република Германија – најголемиот трговски партнер на нашата земја. Презентирајќи ги операциите, ние ја потврдивме нашата заложба кон глобализацијата на брендот ‘Алкалоид’ и посветеноста на континуиран раст и развој на компанијата“, истакна Мукаетов.

Германија е еден од најбрзорастечките извозни пазари на „Алкалоид“, од особено стратешко значење, каде што компанијата оствари пласмани од близу 3 милиони евра во 2021 година, бележејќи раст од 160 % во однос на 2020 година.