Погача гасеница со урда, мека како памук. Рецепт и видео прилог на: Cucina Facile Tashev. Вкусна и мека како памук погача, филувана со урда. За рецептот има и видео прилог од постапката, а истата можете да ја погледнете на линкот под пишаниот рецепт.

Потребни состојки: 120 мл млеко, 100 мл вода, 40 мл масло, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 20 г свеж квасец, 1 белка од јајце, 400 г брашно. За фил: 1 јајце, 250 г урда/рикота, 1-2 лажици свеж магдонос. Постапка: Квасецот издробете го па додајте 100 мл млака вода и 120 мл млако млеко.

Промешајте за да се растопи квасецот, па додајте 40 мл масло и белка и од едно јајце. Промешајте и соединете ги течните состојки, па додајте две лажички сол и една лажичка шеќер. Измешајте за да се растопат. Постепено додајте го брашното и мешајте најпрво со маталката, а потоа и со рака.

Измесете го тестото, а потоа 20 пати yдрете го од висина врз работната површина. Тестото покријте го со крпа и оставете го да стасува еден час. За тоа време пригответе го филот. Во подлабок сад измешајте едно јајце со 250 г рикота (кремаста урда), а доколку имате обична сува урда, во неа додајте 1-2 лажици кисела павлака.

Промешајте добро за да добиете кремаста структура. Посолете и додајте ситно сечкан свеж магдонос. На набрашнета површина истресете го стасаното тесто и поделете го на два дела. Без премногу гмечење, од секој дел формирајте најпрво валјак, а потоа со помош на оклагија развлечете долгнавеста, правоаголна кора.

На едната страна направете засеци (погледни видео) на околу 1,5-2 см растојание, но не до крај. Од другата страна нанесете половина од филот. Потоа свиткајте во ролат-гасеница. Ролатот свиткајте го како полжав и ставете го во намастена тркалезна тепсија.

Истата постапка повторете ја и со второто тесто, а вториот ролат-гасеница, надоврзете го на првиот. Погачата одозгора премачкајте ја со жолчка и наросете сусам. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт на Габриела за вкусна погача:

Гасеница (Тиртил) погача – мека како памук. Погачата ни ја претстави нашата драга членка Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Па доколку сте љубители на вкусните печива, овој рецепт не треба да го пропуштите. Погачата ја филувате по ваш вкус, односно со сирење и блитва, месо, шунка и кашкавал…

Потребни состојки: 200 мл вода, 200 мл јогурт, 25 г свеж квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 100 мл масло, околу 700 г брашно.

Постапка: Во еден сад ставете ја млаката вода, квасецот и шеќерот. Оставете 10-тина минути за да се активира, па додадете јогурт (на собна Т), масло, сол и брашно. Замесете го тестото кое не се остава да стасува, туку добро се изработува така што топката тесто се фрла на работната површина 50-60 пати.

Потоа тестото поделете го на 10 топки. Секој дел развлечете го во елипсовидна кора со должина од 28 см, а ширина 10 см. Од едната страна се сечат ленти, но не до крај, се филува по вкус и се витка во ролат како гасеница.

Се редат во плех но не залепени една до друга, затоа што при печењето ќе нараснат. Се остава да стасува половина час, па се пече во загреана рерна на 180 степени додека да добие златно-жолта боја.