Мислам дека нема некој кој не го сака вкусот на чоколадо, нутела и лешници. Овој ролат е токму комбинација на овие состојки, а вкусот е незаборавен. Рецептот е многу лесен и едноставен, а нема да ви одземе ниту многу време за подготовка. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца (помали), 100 г шеќер, 1 прстофат сол, 25 г какао, 2 лажици густин, 180 г чоколадо (над 50%), 2 лажици врела вода.




За крем: 250 г маскарпоне (вид кремасто сирење), 250 г нутела, 150 г пржени, лупени, грубо мелени лешници. За глазура: 200 г темно чоколадо, 25 г путер, 50 г пржени, лупени, грубо мелени лешници




Загрејте ја рерната на 180 степени. Плехот од рерна обложете го со хартија за печење. За кора: Одвојте ги жолчките од белките во посебни садови. Чоколадото растопете го на пареа или на многу тивок оган.




Белките изматете ги во цврст снег со прстофат сол и тргнете ги настрана или оставете ги во фрижидер. Жолчките измиксајте ги со шеќерот додека да згуснат и побелат. Додајте претходно измешани и просеани какао и густин.




Потоа додајте го растопеното чоколадо и миксајте додека да се соедини во еднолична смеса. Додајте и две лажици врела вода. На крај нежно соединете ја смесата со снегот од белки, внимателно мешајќи со лажица (со превртување, за да остане смесата воздушеста).




Рамномерно нанесете ја смесата во плехот и ставете да се пече во загреаната рерна вкупно 13 минути. Подгответе влажна крпа додека се пече кората (крпата не смее да има мирис на омекнувач, за да не го промени мирисот на кората).




Кога кората ќе ја извадите од рерна, наросете ја со какао и покријте ја со проѕирна фолија. Префрлете ја врз влажната крпа со онаа страна на која е хартијата, па свиткајте заедно со крпата во ролат. Оставете да се излади на собна температура.




За крем: Измиксајте го крем сирењето со нутелата, па додајте ги лешниците. Кога кората ќе биде изладена, одвиткајте ја, отстранете ја фолијата, премачкајте ја со кремот и повторно завиткајте. Додека го виткате ролатот, овојпат одлепувајте ја хартијата за печење. Ролатот ставете го во фрижидер додека ја приготвувате глазурата.




За глазура: на пареа растопете го чоколадото и путерот. Ролатот ставете го на решетка или на хартија за печење (може да ја искористите истата хартија на која се печеше кората) и премачкајте го со глазурата. Одозгора наросете лешници, па повторно вратете го во фрижидер добро да се стегне.




Ролатот е доста цврст, така што едноставно се отстранува хартијата и се префрла врз чинија за послужување. Половина час пред послужување извадете го ролатот за да може малку да се отпушти.

Напомена: Готовиот ролат може да се завитка во проѕирна фолија и да се чува во фрижидер или да се транспортира без да се оштети. Фото и рецепт: Лилјана / Сооlinarika.com