Фереро Рошер БАКЛАВА со чоколадо – Најубавата баклава која досега сум ја пробала, веднаш побарав рецепт. Фото и рецепт: Луан. Ова е една од најубавите баклави кои досега сум ги пробала и нормално, побарав рецепт зошто морав да ја направам. Се надевам дека и вам ќе ви се допадне.




Потребни состојки: 500 г кори за баклава. За прелив: 100 г темно чоколадо, 100 г Нутела или сличен крем, 100 г путер, 100 мл масло. За фил: 300 г пропжени и исечкани лешници, 150 г бисквитни трошки, 2 лажици Нутела или сличен крем,млеко по потреба.




За шербет: 800 мл вода, 500 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер и уште 3 лажици растопен путер. Постапка: Прво направете го преливот за корите: Сите состојки растопете ги на тивок оган додека да се добие сјајна и изедначена смеса. Оставете го на страна да излади додека го приготвувате филот.




Во еден сад за мешање ставете ги сечканите и пропржени лешници, додајте им ги мелените бисквити, нутелата и малку млеко, колку малку да се навлажнат бисквитите и лешниците. Најдобро е сето да измеша со врвовите од прстите, зошто на тој начин најдобро се промешува кремот во останатите состојки.




На рамна работна површина ставете една кора, па премачкајте ја со неколку лажици прелив. Рамномерно до самиот крај ставете неколку лажици фил, па свиткајте ја кората како штрудла, колку можете поцврсто.




Витканата баклава редете ја во намастен плех и со остар нож сечете 6-7 см долги ролатчиња. Целата површина на баклавата премачкајте ја со 3 лажици растопен путер. Вака приготвената баклава ставете ја да се пече во загреана рерна на 150 степени околу 40 минути.




Во меѓувреме сварете го шербетот: Ставете да се вари водата со шеќер и ванилин шеќер, па откако ќе зоврие варете уште 10 минути. Печената баклава прелијте ја со топол шербет. Можеби ќе ви се чини дека има премногу сируп, но не грижете се, баклавата сè ќе впие.




Откако баклавата ќе ја впие течноста и откако ќе излади, прекријте ја со фолија и оставете ја во фрижидер најдобро преку цела ноќ. Следниот ден сервирајте ја баклавата со шолја добро турско кафе.




II РЕЦЕПТ. Посна чоколадна баклава. Потребни состојки:, 500 г кори, 250 г мелени ореви, 250 г чоколадо за готвење, 700 г шеќер, 250 г маргарин. Постапка: Истопете го чоколадото на пареа, додајте ги мелените ореви.




На секоја кора нанесете од филот и намотајте ја во ролна па редете на плех. Со нож пресечете мали баклавички. Стопете го маргаринот и прелијте го преку баклавата. Во 600 мл вода истопете 700 г шеќер кој треба во целост да се растопи. Печете ја баклавата на 200 степени околу 15 минути, а потоа прелијте со врелиот шербет.