Рецепт и видео презентација на Мои Домашни рецепти – Торта со како и ореви

Старински колач со мали измени, сочен, превкусен, со неодолив мирис… Не го пропуштајте овој рецепт, навистина вреди да го пробате!

Потребни состојки:

3 јајца
150 г шеќер
1 ванилин шеќер
200 мл млеко
200 мл масло
15 супени лажици брашно
10 г прашок за печиво
2 супени лажици какао
плех 20х30 см, се пече на 200 степени, 25 минути

За чоколаден прелив:

400 мл вода
2 супени лажици какао
4 супени лажици шеќер

за декорација:

ореви, количина по желба
200 мл слатка павлака
150 г чоколадо за готвење

Постапка:

Во подлабок сад ставете три јајца, 150 г шеќер и 1 ванилин шеќер, па матете со миксер додека шеќерот убаво да се растопи и јајцата да побелат. Потоа додека сè уште матите додадете 200 мл млеко и 200 мл масло. На крај додадете 15 лажици брашно (просеани) 1 кесичка прашок за печиво (10 г) и 2 супени лажици какао во прав.

Промешајте со жица за матење додека да добиете изедначена смеса. Плехот со димензии 20х30 см добро намастете го со путер, па во него излејте ја приготвената смеса и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, околу 25 минути (проверете со чепкалка). Печениот бисквит оставете го да излади целосно, па на повеќе места избоцкајте го за да може полесно да го прими чоколадниот сируп.

За сирупот: во тенџере ставете 400 мл вода, 2 супени лажици какао, 4 лажици шеќер и загревајте со постојано мешање додека да зоврие, околу 1 минута. Ладниот колач рамномерно прелијте го со врелиот сируп, а одозгора наросете го со ситно сечкани ореви.

За ганаш: на тивок оган загрејте 200 мл слатка павлака и 150 г чоколадо за готвење. Мешајте додека да се растопи, па ганашот прелијте го врз колачот. Тортата оставете ја во фрижидер убаво да се олади пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: