Според рецептот на Александра, направете ги овие вкусни похувани тиквички кои може да ги послужите како предјадење или ручек. Се филуваат со сос од кашкавал и уште неколку намирници. Многу вкусно јадење кое долго ќе го паметите. „Рецептот е многу едноставен, го направив во саботата кога имав неколку пријатели на ручек.

Кога пријателите ги видоа на трпезата, сите мислеа дека се похувани стекови, но кога им кажав дека се тиквички со сос веднаш седнаа на масата да ги пробаат. Се изедоа во првите 15 минути, па едната пријателка ми рече: „Ајде заедно да направиме уште една тура.“

Толку многу им се допаднаа и на сите им го кажав рецептот. Можете да ги подготвите кога немате смислено што да направите за ручек или кога ви се грицка нешто, а не сте многу гладни за цело јадење.“ Во продолжение детално прочитајте ја постапката. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 средни тиквички (или по потреба), 5 јајца, 2 лажици млеко, 200 г брашно, 200 г лебни трошки (презла), црн пипер, сол, црвена зачинска пиперка, сув магдонос, масло за пржење. ЗА СОСОТ: 150 г кашкавал, 4 лажици кисела павлака, 1 јајце, сол, црн пипер, малку кромид.

ПОСТАПКА: Пресечете ги двата краеви на тиквичките кои ги планирате за подготовка. Тиквичките не мора да ги лупите претходно. Исечете ги на тенки кругови или на тенки ленти, по должина, како што ги исеков јас. Повеќе работа се отвора за филување доколку се исечени на кругови.

Исечените тиквички посолете ги од двете страни и оставете ги 10-тина минути да ги испуштат течностите, па процедете ги. Во меѓувреме во еден сад скршете 5 јајца, посолете малку. Во друг сад ставете го брашното, а во трет сад измешајте ги лебните трошки со малку сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка и сув магдонос. Зачинете и со други зачини по вкус.

Секоја тиквичка натопувајте ја прво во брашно, па во јајца, па во смесата од презла. На овој начин подгответе ги сите тиквички. Загрејте приближнл 300 мл масло во подлабоко тавче или во тенџере. Пржете ги тиквиците на средна кон висока температура од двете страни додека да поруменат.

Кога ќе добијат златна боја, може да ги извадите од тавчето или тенџерето. Редете ги на поголем овал со салфетка за да се исцедат од вишокот масло. Додека тиквичките се ладат подгответе го сосот за филување. ЗА СОСОТ: Изрендајте 150 г кашаквал по вкус.

Измешајте го со 4 лажици кисела павлака, додајте 1 јајце, сол, црн пипер и ситно сечкан кромид (млад или обичен). Филувајте тиквичка со сосот, па преклопете со друга тиквичка. На овој начин подгответе ги сите тиквички. Доколку сакате, може да филувате три или четири една врз друга.

Вака подготвените тиквички редете ги во подмачкан огноотпорен сад. Исечете еден домат на тенки кругови, па наредете преку секоја сендвич-тиквичка. Печете во загреана рерна на 250 степени, 15 минути. Тиквичките може да ги послужите со пире од компири, како прилог. Деталите погледнете ги ОВДЕ.