Овој колач задолжително се приготвува во сезона на цреши, но во недостиг на ова овошје, одлично се приготвува и со малини или со комбинација, микс од овошје. Вкусот не се опишува, мора да се проба.

За мерење се користи чаша од 250 мл. Потребни состојки: 4 јајца, ¾ чаша шеќер, ¾ чаша брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 1 лажица масло, 1/3 чаша семе од афион (мак), 1 прстофат сол.

За крем: 500 мл млеко, ½ чаша шеќер, 1 лажичка екстракт од ванила, 2х40 г пудинг од ванила, 200 г путер на собна температура и 1 прстофат сол. За глазура: 80 г темно квалитетно чоколадо, 80 мл слатка павлака за шлаг. И уште: околу 500 г цреши или малини, 2 желе со вкус на цреша или малини и 600 мл врела вода

Постапка: За кора: Во еден сад измешајте ги сувите состојки: Брашното, семето од афион (мак) и прашокот за печиво.

Во друг сад одвојте ги белките од жолчките. Белките со прстофат сол изматете ги во цврст снег. Постепено додавајте шеќер и матете додека шеќерот целосно да се истопи. На крај, една по една додадете ги жолчките. Кога добро ќе се измати исклучете го миксерот.

Со лажица додадете ги сувите состојки и мешајте со превртување. На крај додадете го и маслото, па изедначете ја смесата.

Добиената смеса рамномерно распоредете ја во калап 24х24 см или малку поголем, претходно обложен со хартија за печење. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути (проверете со чепкалка). Печената кора извадете ја да се излади, а потоа пресечете ја на два дела.

Желе од овошје: Растворете го желето во 600 мл врела вода, па оставете да излади и набубри. Потоа ставете го во фрижидер за да се стврдне.

За крем: На оган ставете 350 мл млеко заедно со шеќер, прстофат сол и ванила. Во преостанатиот дел (150 мл) растворете го просеаниот прав од ванила.

Тргнете го топлото млеко од оган, па додадете го растворот од пудинг, постепено со постојано мешање. Вратете на тивок оган и мешајте додека да се згусне. Садот одозгора завиткајте го со проѕирна фолија и оставете го пудингот да се лади. На овој начин нема да фати коричка одозгора.

Омекнатиот путер изматете го пенасто, а потоа во него додавајте лажица по лажица од изладениот пудинг и матете додека целосно да се соединат.

Редење: Врз првата кора нанесете го кремот од ванила, распоредете рамномерно цреши или малини (или комбинација, микс) и истурете го желето (желето и овошјето можете заедно да ги приготвите или според упатството на кесичката). Поклопете со втората кора.

Колачот завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го преку ноќ или неколку часа во фрижидер, а потоа прелијте го со глазура.

Глазура: Загрејте ја на тивко слатката павлака, но не дозволувајте да зоврие. Додадете го искршеното чоколадо и мешајте додека тоа да се растопи и да се изедначи смесата. Глазурата нанесете ја во тенок слок врз колачот и оставете 15-тина минути да се стегне./Ilovebake.pl