Рецепт на „Готвење со среќа.“ Доколку сакате да направите нешто едноставно, без многу работа, пробајте го овој колач кој се прави од неколку едноставни состојки. Веројатно намирниците веќе ги имате дома, а кога ќе се испече мириса прекрасно и опојно. Колачот е сочен на вкус, се пече во тавче или во тенџере.

Јас го испеков во пониска тава (како тавче) за да можам полесно да го превртам. Колачот ме потсетува на детството, се сеќавам дека баба ми редовно го правеше и секогаш ми велеше дека со овој колач заштедува бидејќи воопшто не ја вклучува рерната. Сѐ што треба да направите е да ги соедините состојките.

Се добива смеса која е многу слична на палачинка, а потоа се излева исто како палачинка и се пече од двете страни. Колачот може да го направите за помалку од половина час и тоа ако сте спори. Ако брзате, колачот ќе го направите и за побрзо време. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 120 г шеќер, 80 мл масло, 115 г млеко, 200 г брашно, 15 г прашок за печиво (1 кесичка), ванилин шеќер, кора од лимон, сол по вкус.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете ги двете јајца, кои треба да бидат на собна температура. Изматете ги малку со миксер додека да се распенат, па додајте 120 г шеќер. Јас шеќерот го додавам на два или трипати, за полесно да се соедини со миксерот. Кога шеќерот ќе се растопи, додајте 80 мл масло (половина шолја).

Изматете го со миксерот, па сипете го млакото млеко. Смесата малку ќе се разреди по додавање на млекото. Потоа, додајте 1 шолја брашно. Брашното мора да се додава на повеќепати и да се просее за да не се формираат грутчиња. Измешајте со најниска брзина на миксерот или со шпатула.

На крајот, додајте го прашокот за печиво, ванилиниот шеќер, малку изрендана кора од лимон и прстофат сол. Соединете ја целата смеса еднолично. Смесата треба да има конзистентност нешто погуста од онаа за палачинки. Вака подготвената смеса оставете ја настрана додека го загревате тавчето.

Во едно тавче обложете хартија за печење, така што хартијата ќе биде малку издигната по страните на тавчето. Наросете на дното малку брашно и рамномерно распоредете го. Ставете го тавчето на рингла, вклучена на умерена температура, па кога ќе се загрее сипете ја смесата и рамномерно распоредете ја.

Гответе на умерена температура околу 25 минути, под капак. По изминатото време, кога ќе забележите дека долниот дел од колачот фатил коричка, поставете уште една хартија за печење и поголема чинија. Внимателно превртете го колачот и допечете го на втората страна уште 10-15 минути.

Кога ќе го опипате колачот треба да биде мек. За да се уверите дека колачот е испечен однатре, избоцкајте го на неколку места со дрвена чепкалка, особено на средината. Доколку чепкалката излезе сува, колачот е готов и може да го пренесете на чинија.

Колачот може да го наросите со шеќер во прав, со чоколадна глазура или да го премачкате со џем или мармалад, како што сакате. Колачот може веднаш да го послужите со сечење на триаголни парчиња. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.