Главоболка, вртоглавица, несоница, зуење во ушите, се само дел од симптомите кои луѓето можеа да ги почувствуваат денес, по големата суперклеточната бура што го зафати регионот во текот на претходната ноќ.
Колку и на кој начин овие временски услови и наглата промена на времето влијаат на општата здравствена состојба на луѓето, на што треба да внимаваме и каков внес на течности се препорачува, открива д-р Бисерка Обрадовиќ, специјалист по општа медицина.
– Климатските фактори кои многу влијаат на здравјето на луѓето се: температурата, сончевата светлина, воздушниот притисок, врнежите, невремето и грмежите.
Вчера бевме сведоци на ретко големо невреме и големи електромагнетни празнења. Тоа навистина има негативно влијание врз здравјето на луѓето.
Сите очекувавме дожд и помирен сон, но токму поради тие електромагнетни празнења, ретко кој можеше да спие синоќа. Помалку или повеќе, сите бевме напнати и нервозни, а сонот, кој требаше да трае од шест до осум часа, ни беше прекинат.
Спиењето е исклучително важно, бидејќи е главен предуслов за добар имунитет – објаснува д-р Обрадовиќ.
Најранливите категории
Според неа, електромагнетното празнење најмногу ги погодува децата и постарите лица, кои се подложни на хормонална нерамнотежа, како и метеоропатите.
– Кај оваа група на луѓе хормонот на стресот се лачи во големи количини, додека ендорфините се лачат во помали количини.
Ендорфинот како хормон на среќата го намалува прагот на болка така што болките кои најмногу ги чувствуваат многу луѓе поради промената на воздушниот притисок се многу поинтензивни.
Кога ќе дојде до ненадејна промена на времето, атмосферскиот притисок автоматски се намалува, а со неговото опаѓање, нашето тело, кое претежно е составено од вода, има тенденција да ја исфрли таа вода, поради што се јавуваат болки – истакнува д-р Обрадовиќ.
Во такви околности, болката се јавува кај луѓе кои имаат проблеми со зглобовите и синусите, а болката често се чувствува кај лузните.
Д-р Обрадовиќ тоа го објаснува со фактот дека лузните се ткиво кое нема еластичност. Во услови кога ткивото на нашиот организам се шири поради склоноста на водата да излегува во надворешната средина, таа не може да се прошири и тоа ткиво со лузни предизвикува болка.
Најчести симптоми
Според д-р Обрадовиќ, денешниот ден е особено подложен на топлотен удар поради големото присуство на влага во воздухот, што го отежнува разладувањето на телото.
Како резултат на тоа се јавуваат главоболки и вртоглавици, а доколку не преземеме ништо, може да дојде до колапс поради пад на крвниот притисок.
– Кога станува збор за посебни препораки, важно е да се облекуваме соодветно, се препорачува памучна облека, односно материјал кој дозволува воздухот да помине низ нашето тело.
Исто така, денес е неопходно да се внесува поголема количина течност од вообичаеното, бидејќи е важно да се надомести течноста што ја губиме со потење – објаснува д-р Обрадовиќ.
Нашето тело кое одржува телесна температура од 36 до 37 степени, троши голема количина на енергија за одржување на константна температура, а тоа го прави така што ги шири крвните садови и предизвикува пад на крвниот притисок и токму поради оваа причина се препорачува зголемен внес на течности.
– Кафето треба да го избегнуваме, бидејќи тоа е диуретик кој веднаш го покачува крвниот притисок, но потоа повторно опаѓа – заклучува д-р Обрадовиќ и нагласува дека во текот на денешниот ден е важно да се води сметка за физичката активност, која треба да се дозира.