Ова е една од оние торти кои нашите мајки ги правеа за децата родени во 80-тите. Често се приготвуваа некогаш со маргарин или путер, некогаш без. Некогаш со вкус на ванила, некогаш со чоколадо, што и да се имало при рака, а ние децата секогаш бевме презадоволни.

Кога ќе се направеше со пудинг од чоколадо, па уште ќе се додадете и некоја табла чоколадо, па тоа беше вистинско уживање…за оние што се сеќаваат. Наместо пудинг се користеше брашно и какао, па пак ни беше супер…

Потребни состојки:

750 г петит кекси
1,5 литар млеко + млеко за натопување на кексите
4 пудинг со вкус на ванила
12 лажици шеќер
250 г маргарин или путер

Постапка:

Измешајте пудинг, шеќер и 200 мл ладно млеко, убаво да нема грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на умерен оган и внимавајте да не ви загори.

Штом зоврие, намалете го огнот и постепено додавајте го разматениот пудинг со постојано мешање додека да згусне.

Тргнете го од оган и претурете го во друг поголем сад, покријте го со кеса или фолија и оставете да излади.

Маргаринот на собна температура пенасто изматете го со миксер, па постепено во него додавајте го изладениот пудинг и продолжете со миксање додека целосно да се изедначат.

Кексите поделете ги на 4 еднакви делови. Во еден ред има 18 парчиња кекси, а тортата излегува доста голема.

На тацна или чинија за торти намачкајте сосем малку од кремот за да може бисквитите да се залепат и да не се лизгаат кога ќе го нанесувате првиот слој од филот.

Натопувајте ги кексите во млеко по неколку секунди и редете ги на тацната, филувајте, кекс па фил, додека да ги потрошите.

Одозгора можете да декорирате со шлаг, крем, глазура, рендано чоколадо, еурокрем, ореви, по желба.

Изладете добро, најдобро оставете да отстои преку ноќ, па следниот ден послужете.

Сoolinarika.сom