Ова е најдобро објаснетиот рецепт за приготвување на совршен ролат. Ролатот е мек и пуфнаст, многу вкусен и декоративен. Се приготвува од основни состојки кои секој ги има во кујна, а се филува со тенок слој од вашиот омилен џем или крем. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап со димензии 39х29х4,5 см): 5 жолчки, 1 прстофат сол, 50 г шеќер, 90 г брашно за торти (со 7-9% протеин/глутен)*, ½ лажичка прашок за печиво (2 г), 50 мл масло, 50 мл млеко, 5 белки + 70 г шеќер




ПОСТАПКА: *Ако немате специјално „брашно за торти” кое се разликува од сенаменското по тоа што е пофино мелено, побело и полесно, а содржи и помалку глутен, тогаш од обичното брашно (од една чаша (250 мл) одземете 2 лажици и додајте 2 лажици ситно мелено пченкарно брашно.




Промешајте и ќе добиете речиси идентично на американското „cake flour”. Јајцата нека отстојат малку на собна температура, па одвојте ги белките од жолчките. Во жолчките ставете прстофат сол и пенасто изматете ги со 50 г шеќер, додека да побелат и да се згуснат.




Посебно изматете ги белките (со чисти и суви маталки), па откако ќе се згуснат постепено додавајте 70 г шеќер (на трипати или повеќепати по малку) и матете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа од превртениот сад.




Многу е важно и жолчките и белките посебно да се изматат добро и да го зголемат волуменот. Во снегот од белки додајте ги изматените жолчки, па внимателно со шпатула мешајте од долу нагоре, внимавајќи смесата да остане воздушеста.




Вака мешајте со превртување додека да се изедначат. Во пуфнасто изматената смеса додајте 90 г просеано брашно и 2 г прашок за печиво. На ист начин мешајте со „протресување“ додека да се изедначат состојките.

Во еден сад измешајте 50 мл млеко и 50 мл масло, па додајте малку од тестото (1-2 лажици) и промешајте додека да се изедначат. Потоа оваа смеса излејте ја во тестото и промешајте на ист начин како и претходно.




Смесата излејте ја во обложен калап (39х29 см) со хартија и израмнете. Неколку пати потчукнете го плехот од масата за да излезат воздушните меурчиња. Ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени околу половина час.

Кога бисквитот е печен, плехот повторно потчукнете го неколку пати кога ќе го извадите од рерната. Извадете го бисквитот да се лади на решетка, поклопете го со друг лист хартија, превртете го и отстранете ја хартијата на која се печеше.




Отсечете ги краевите од долгата страна за да бидат рамни, а едната страна (од пократката) засечете ја дијагонално-внатрешно, за да се свитка поубаво ролатот во слеана кружна форма (погледни видео). Преку целата површина премачкајте тенок слој од овошен мармалад или мед.

Со помош на хартијата внимателно завиткајте го ролатот, а виткањето завршете го со дијаголно потсечениот крај. Вака завиткан оставете го отстои еден час во фрижидер, а потоа можете да го сечете. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.