Ова е еден од оние старски колачи кои се правеа постојано, особено наесен кога јаболката ги има во изобилие. Колачот иако е едноставен, има богат вкус и додека се пече од кујната се шири неодолив мирис. Еве што ви е потребно (се мери со чаша од 200 мл):

Потребни состојки: 4 јајца, 3 чаши (од 200 мл) шеќер (може да го намалите до две чаши), 1 чаша масло, 2 чаши кисело млеко (може и јогурт), 4 чаши брашно, 1 кесичка прашок за печиво (во оригиналниот пишуваше 2 кесички)

За фил: 1,5 кг благо-киселки јаболка, 1 чаша шеќер, 1 голема лажица цимет, 1 кесичка ванилин шеќер

Постапка: прво пригответе го филот: јаболката излупете ги и изрендајте ги на крупно ренде, па сипете ги во поголемо тенџере. Ставете на силен оган, додајте шеќер, ванилин шеќер и цимет, па мешајте додека јаболката малку да омекнат.

Во стариот оригинален рецепт овој чекор не е баш вака објаснет, туку во тестото се ставаат сирови јаболката, но со текот на времето го променив рецептот и вака ми е поубав.

Оставете да излади филот од јаболка. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.

Изматете цели јајца со шеќер без да ги разделувате белките од жолчките. Кога ќе бидат пенесто изматени и кога смесата ќе побели, додајте масло во тенок млаз, ма матете да се спои.

Додајте кисело млеко и повторно матете да се соедини смесата. На крај го промешуваме и брашното промешано со прашок за печиво.

Половина од смесата излејте во тепсија 38 см, претходно намастена и набрашнета (Првиот пат ја печев во големиот плех, со 2 прашоци за печиво, па тестото ми се излеа. Сега користам едно кесиче прашок за печиво).

Печете околу 10-тина минути на 200 степени додека да фати коричка. Отворете ја рерната, распоредете го филот од јаболка, полека додавајќи со лажица за да се покрие целата површина, но не притискајте за да не пропадне во полупечената кора.

Преку јаболката излејте ја преостанатата смеса во тенок млаз, да се покрие целиот фил. Нема потреба да биде тоа дебел слој, и онака нараснува колачот па ќе има сосем доволна горна кора.

Колачот се допекува додека убаво да зарумени. Во мојата рерна целото печење не трае долго, на 200 степени околу 30-35 минути.

Печениот колач изладете го (колку можете да сочекате : ) ), исечете на коцки и јадете додека има : )