Колачот во облик на венец е еден од најпосакуваните на празничната трпеза. Овој колач ја симболизира среќата и здравјето во домот. Домаќинките го подготвуваат за десерт, а најдобро од сѐ е што мириса прекрасно, се чувствува уште две куќи подолу. Вкусен, мек, наполнет со крем сирење и брусница.




Многу е лесно да се направи и евтин е. Може да се послужи и со шолја кафе, но е и одличен за празници или за викенд, кога целото семејство е собрано заедно. Филот може да го збогатите според ваш вкус, а конкретно во овој рецепт е полесен со малку крем и освежителната брусница. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл топло млеко, 30 г свеж квасец, 100 г шеќер во прав, 500 г пченично брашно + 2 лажици, 2 јајца, 100 г растопен путер. ЗА ФИЛОТ: 450 г крем сирење (маскарпоне или некое друго), 100 г брусница,, 1 лажица шеќер во прав, 1 мала лажичка ванилин шеќер + 1 јајце за премачкување одозгора.




ПОСТАПКА: Квасецот издробете го во шолја со топло млеко. Млекото не треба биде зовриено. Во чашата додајте две лажици брашно и една лажичка шеќер во прав, измешајте и оставете да се активира околу 10-15 минути.




Во подлабок сад истурете 500 г брашно и додајте го остатокот од шеќерот во прав. Измешајте ги сувите состојки, па на средина направете вдлабнатина во која ќе ги скршите двете јајца кои треба да бидат на собна температура. Во вдлабнатината додајте го нараснатиот раствор од квасец и растопениот топол путер.




Замесете фино и меко тесто, така што ќе ги мешате полека состојките, со постепено нафрлање на брашното од страните кон течните состојки. Тестото може да го замесите рачно или со шпатула. На почетокот може да ви се чини дека тестото е лелеаво и лесно се развлева, но такво и треба да биде.




Откога ќе ги соедините состојките, покријте го со крпа или стреч-фолија и оставете да нарасне околу 1 час, на собна температура. Во меѓувреме измешајте го крем сирењето со шеќерот во прав и ванилиниот шеќер и сипете ги брусниците со зовриена вода неколку минути, па исцедете ги.




Тестото извадете го на набрашнета маса и уште малку домесете го, додека да не се лепи и по потреба додавајте си брашно. Развлечете го тестото во правоаголник, па  премачкајте ја целата површина со кремот и наросете со брусница.




Завиткајте го тестото како ролат, од подолгата страна, па префрлете го на плех, обложен со хартија за печење, поврзувајќи ги рабовите еден со друг, да се добие карактеристичен изглед на круг. За дополнително да го украсите колачот, исечете ги рабовите со ножици, така што секое парче ќе биде однадвор и ќе се гледа кремот.




Вака подготвениот колач оставете да отстои уште 15-тина минути под крпа, додека чекате рерната да се загрее на 170 степени. По изминатото време, премачкајте го колачот со едно разматено јајце со четкичка и ставете да се пече околу 40-тина минути, додека да фати златна коричка. Деталите погледнете ги ОВДЕ.