За овој посен колач не ви е потребен миксер, ниту треба нешто да месите. Сите намирници едноставно се мешаат со лажица додека тестото да се изедначи и тоа е тоа. Ќе ви остане само уште да го испечете колачот – Верче Илиоска.




Потребни состојки: 6 шолји брашно, 5 шолји газирана вода, 4 шолји шеќер, 2 шолји масло, 100 г мелени лешници или ореви или бадеми, 1 кесичка прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, рендана кора од лимон или портокал, 2 лажици чоколадно какао – само за едниот дел, мармалад за премачкување и чоколадо за наросување




Постапка: за мерење користете шолја за кафе, приближно 120 мл. Во еден подлабок сад соединете ги сите набројани состојки: брашно, шеќер, вода и масло, па додајте ванилин шеќер и прашок за печиво.




Откако ќе се соедини смесата на крај додајте ги мелените ореви и дополнително промешајте. Кога ќе добиете изедначена, хомогена смеса, истата поделете ја на половина во различни садови.




Едната половина оставете ја како што е, а во втората половина додајте го какаото и промешајте. Правоаголен плех или калап со средна големина намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го.




Во подготвениот калап најпрво излејте ја кафеавата смеса и малку протресете или потчукнете за да излезат евентуалните меурчиња. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути.




Извадете ја печената кора од рерна и додека сè уште е врела, преку целата површина премачкајте ја со мармалад од кајсии или пак некој друг по ваш вкус. Одозгора прелијте го белото тесто.




Вратете го колачот во рерна да се допече, исто така на 180 степени уште околу половина час. Печениот колач повторно премачкјате го одозгора со мармаладот или џемот по ваш избор.




Додека е топол колачот убаво се размачкува мармаладот. Оставете го да се олади најпрво на собна температура, а потоа и во фрижидер. врз изладениот колач изрендајте чоколадо одозгора.




Може да користите црно-бела комбинација за да изгледа подекоративно. Бидејќи чоколадото беше тврдо, јас ја ставив на топло место, а потоа полесно ми се рендаа крупни резанки, токму како што сакав.




Колачот изгледа навистина преубаво и многу е вкусен. Ќе забележите дека иако не се полива со сируп, сепак, излегува доста сочен. Јас користев плех со димензии 38х20 см, а вие може некој калап со слични димензии. / Верче Илиоска / Сооlinarika.com