Овој бајковиден старински колач наречен „Дунавски бранови” или „Дунавски валцер“, ќе ве потсети не само на убавите добри стари времиња, туку и на истоимениот, волшебен Штраусов валцер. Веруваме дека ќе ви се допадне овој одличен колач.

Во недостиг на свежи вишни, еднакво убаво може да послужат и смрзнатите или оние од компот. Важно е само тие да немаат семки. Потребни состојки: 200 г путер, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 5 јајца, 300 г брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао, 750 г вишни без семки.




За крем: 2 пудинзи од ванила, 500 мл млеко, 200 г путер, 4 лажици шеќер во прав. За глазура: 200 г чоколадо за готвење и 50 г путер. Постапка: Пенасто изматете го путерот со шеќер и ванилин шеќер, па додајте едно по едно јајце, вкупно 5 јајца и матете со миксерот со најголема брзина. Потоа додајте брашно и прашок за печиво, па изматете мазно тесто за пандишпан.




Половина од смесата излејте ја во намастен и наросен плех со брашно (средна величина). Во другата половина од тестото додајте какао и вишни, промешајте и откако ќе се изедначи прелијте ја врз првата смеса.




Овој оригинален бисквит со прекрасен вкус печете го во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Печениот бисквит оставете го на страна да се олади. Додека се пече и лади бисквитот, пригответе го филот: Пудингот од ванила сварете го во млекото и оставете го да се олади на собна температура.




Повремено промешувајте го за да не фати коричка. Путерот претходно омекнат на собна температура, пенасто изматете го заедно со шеќерот во прав. Потоа лажица по лажица, постепено додавајте му го изладениот пудинг. Матете додека целосно да се соединат.




Изладениот бисквит премачкјате го со кремот, па оставете го колачот во фрижидер да се лади еден час. За глазура искршете го чоколадото на парчиња, додајте путер и заедно растопете ги на пареа. Изладениот старински колач на крај прелијте го со чоколадната глазура и вратете го во фрижидер за да се олади и стегне. / Соolinarka.com




II РЕЦЕПТ. Посен колач со вишни без масло (посно на вода). Ова е еден многу вкусен посен колач на вода, збогатен со вишни, одличен за постните денови кога сакате да се засладите со нешто вкусно и здраво.




Потребни состојки: 12 лажици шеќер, 400 мл вода, 20 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 4 лажици џем по избор (одберете помек за да може убаво да измати), 100 г пченички ‘ркулци (тоа е замена за ореви и се користи во пост на вода, а ако немате може да ставите мак, рогач или нешто слично), 300 г чистени вишни без семки.




Постапка: Во водата додајте џем и шеќер и добро промешајте. Потоа додајте пченични ‘ркулци, промешајте, па брашно помешано со прашок за печиво и убаво соединете.




На оваа смеса додајте одмрзнати и исчистени вишни, па промешајте со лажица. Оставете да отстои додека рерната се загрее на 180 степени. За тоа време вишните малку ќе се отпуштат, па затоа уште еднаш промешајте за да соедини и испуштениот сок.

Излејте ја смесата во плех со димензии 30х20 обложен со хартија и печете околу 30 минути во зависност од рерната. Исечете на коцки и наросете со шеќер во прав.