Ова јадење може да ви послужи како појадок, ручек, вечера или предјадење. На славите прво се изедува и сите се најадуваат од него, другите јадења што се приготвени, се буквално занемарени, покрај овој ролат. Јас понекогаш го подготвувам за ручек и го послужувам со чаша јогурт, подобро е и од пица.




Вкусен ролат кој исто така е декоративен, па освен како брз и лесен оброк, може да послужи и како убаво предјадење или закуска пред главното јадење. За да се приготви потребни се 8 готови кори за пита и смеса за премачкување на корите. Се филува со основните пица-состојки, кечап, шунка и кашкавал. Еве што уште ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 150 г кисела павлака, 2, лажици масло, 2 лажици брашно, ½ лажичка прашок за печиво, малку сол, а исто така, ќе ви бидат потребни и 8 листови готови кори. ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: кечап, 150 г шунка исечена на листови, 150 г кашкавал исечен на листови.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад изматете четири јајца со маталка, па додајте 150 г кисела павлака. Изматете додека да се соединат, па додајте 2 лажици масло, 2 лажици брашно, половина лажичка прашок за печиво и малку сол. Продолжете да матите додека да се изедначат состојките.




За овој ролат ќе ви бидат потребни 8 листови/готови кори, а за секој лист ќе ви бидат потребни околу 2-3 лажици од смесата за премачкување. Првиот лист преку целата површина премачкајте го со три лажици од приготвената смеса и поклопете го со втор лист. И овој лист исто така премачкјате го, па преклопете го со трет лист.




Откако ќе го премачкате и третиот лист, одозгора нанесете кечап и убаво со четката премачкајте го преку целата површина. Потоа поклопете го со уште два листа, исто така секој премачкани со смесата.




Врз петиот лист наредете 150 г шунка исечена на тенки листови. Пополнете ја целата површина, а одозгора наредете уште два листови готови кори, секоја премачкана со смесата. Потоа наредете кашкавал исечен на тенки листови (или рендан). Потоа ставете ја осмата, последна кора, па и неа премачкајте ја со смесата.




Малку подвиткајте ги краевите од потесната страна на правоаголникот, па започнете внимателно да го виткате ролатот од подолгата страна. Ставете го во плех обложен со хартија и одозгора премачкајте го со остатокот од преливот и наросете со сусам или семки по желба. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.




По печењето, ролатот се остава сосем малку да се олади под памучна крпа, за да не се исушат корите, па потоа се сече на помали ролатчиња. Како и да го јадете, топол или ладен е подеднакво вкусен. Со овој рецепт нема да погрешите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.