Дезинфекцијата во домот, особено во овој период кога вирусот и грипот најбрзо се шират, е најважна за зачувување на нашето здравје и на нашите најблиски. Со неколку намирници кои веројатно ги имате постојано во домот, можете сами да си направите неколку средства за дезинфекција, пишува НМД.мк




Ќе ви пренесеме стручни совети и рецепти од професионални агенции за одржување на хигиена и чистота во домот, а истите се многу ефикасни и безбедни. Со овие домашно подготвени средства ќе ги исчистите и најтврдокорните замастени површини во домот.




Кујна и кујнски елементи

Додајте 10 капки есенцијално масло од чајно дрво и 20 капки есенцијално масло од лимон во шишето со спреј наполнето со топла вода. Напрскајте ги кујнските елементи одвнатре, а потоа веднаш пребришете ги со сува крпа.




Вратите од кујнските елементи можете да ги избришете со истата течност, освен ако не се направени од чисто дрво. Во тој случај, избришете ги со сува крпа на која имате капнато малку маслиново масло.




Чистење на рерната

Во чаша со сода бикарбона, додајте ¼ оцет и 20 капки есенцијално масло од лимон.
Извадете ги решетките од рерната и изрибајте ги со оваа смеса со крпа. Нанесете ја пастата од страните на рерната и вратата со крпа или четка, добро истријте и оставете ја да отстои преку ноќ, така што пастата ќе ја апсорбира целата маснотијата. Следниот ден со крпа натопена во вода исчистете ја пастата.




Измијте ја површината на шпоретот со паста направена од две лажици сода бикарбона и малку вода, така што ќе добиете паста со која можете да ги исчистите масните дамки и нечистотијата. Исплакнете со крпа натопена во топла вода, а потоа пребришете со сува крпа.




Чистење на фрижидерот

Измешајте чаша ал-кохолен оцет и чаша вода, па додајте 15 капки масло од чајно дрво. Претурете ја течноста во шише со прскалка, а потоа испрскајте полица по полица, истријте со влажна крпа и на крајот пребришерте со сува крпа.




За дезинфекција на ладилникот и отстранување на мувлата, измешајте 1 лажичка боракс, половина лажичка сода бикарбона и 2 лажици сок од лимон во шише со прскалка, а потоа додајте 1 чаша многу топла вода. Протресете ја течноста добро да се измеша, па испрскајте ги површините што сакате да ги дезинфицирате и на крај исплакнете со сунѓер.




Чистење на плочките

Подгответе мешавина од вода и ал-кохолен оцет во однос 1:1 и претурете во шише со спреј. Испрскајте ги плочките и избришете ги со сунѓер. За чистење на маснотиите од плочките над шпоретот, земете сунѓер натопен во оцет и вода со сода бикарбона и истријте ги со него масните дамки. Исплакнете со крпа натопена во топла вода.




Чистење на дрвените даски за сечење

Истријте ги дрвените даски за сечење со паста од сода бикарбона и малку вода, а потоа оставете смесата да отстои околу 10 минути и исплакнете под вода.




Чистење на микробрановата печка

Ставете во микробранова печка во сад со малку вода и неколку парчиња лимон, а потоа загрејте ја. Отворете ја вратичката од микробрановата печка и оставете малку да се излади. Пребришете со крпа натопена во топла вода.




Чистење на корпата за отпадоци која добила непријатен мирис

Наполнете ја корпата за отпадоци со два до три литри топла вода, додајте чаша ал-кохолен оцет и 10 капки есенцијално масло од лимон. Протресете ја корпата така што мешавината на вода и оцет ќе ја натопи целата површина. Оставете малку да се излади, а потоа истријте ја внатрешноста и надворешноста со истата вода.

Чистење на тепихот

Измешајте половина чаша боракс, чаша сода бикарбона и малку сув рузмарин или есенцијално масло од лаванда. Посипете на тепихот, оставете да отстои околу 20 минути, а потоа исчистете го тепихот со правосмукалка.

Чистење на каучот

Истурете топла вода и 20 капки есенцијално масло од чајно дрво или лаванда во шише со прскалка, испрскајте навечер и оставете да се исуши до утрото.

Чистење на паркет

Измешајте 5 литри топла вода во која сте додале ¾ чаши маслиново масло и 1 лажица есенцијално масло од лимон. Натопете крпа во оваа мешавина, исцедете ја добро и избришете го паркетот.

Чистење на прозорите

За миење на стаклото: Измешајте ¼ чаши ал-кохолен оцет и 4 чаши вода и додајте една лажица есенцијално масло од лимон. Истурете во шише со спреј и добро протресете го пред употреба. За дрвениот дел: Избришете ги рамките со вода во која сте додале неколку капки маслиново масло. Измијте ги ПВЦ прозорците со топла вода во која сте додале неколку капки лимон.

Чистење на душекот во спалната соба

Подгответе две вреќички со сода бикарбона и 10 капки есенцијално масло од лаванда, нане или цитрус. Истурете ја сода бикарбона во сад со затка, а потоа додајте го маслото и добро протресете. Земете сито од брашно и просејте ја смесата попрскувајќи ја на душекот.

Оставете да отстои неколку часа, а потоа темелно исчистете со правосмукалка. Сода бикарбоната ќе ја апсорбира влагата што го поттикнува развојот на грини, а есенцијалното масло ќе го дезинфицира душекот и ќе остави пријатен мирис.

Чистење на перниците

На ист начин како душекот – со сода бикарбона на која сте додале есенцијално масло – можете да ги исчистите и перниците. Но, потоа, ставете ги на отворен прозорец еден до два часа за да се излуфтираат.

Чистење на шкафот

Избришете ги внатрешноста и страните на орманот со сува крпа на која сте капнале малку маслиново масло.

За освежување на воздухот

Направете природен освежувач во шише со спреј: додајте 10 капки есенцијално масло од лаванда во топла вода. Испрскајте со спрејот на завесите и тепихот.

За чистење на тоалетната шолја

Истурете цела чаша сода бикарбона во шолјата (особено од страните) и оставете да отстои околу еден час. Потоа избришете ја содата во садот со четката за миење на тоалетот, а потоа прелијте со чаша ал-кохолен оцет. Оставете да отстои неколку минути и исплакнете.

За чистење на кадата и туш кабината

За бањата: Истурете ал-кохолен оцет во кадата и оставете го да отстои околу половина час, а потоа исплакнете со топла вода. За туш кабината: Доколку се насобрале ситни талози од варовник во туш кабината, испрскајте ги со ал-кохолен оцет и завиткајте ги зафатените места со крпа, па оставете ги да отстојат еден час или два. Доколку е потребно, можете да отставите киселината да делува преку ноќ. Наутро исплакнете со вода и пребришете го тушот со сува крпа.

Средство за чистење и дезинфекција за површини во домот

Потребни состојки: 100 мл вода, 40 мл ал-кохолен бел оцет, 30 мл лимонска киселина, 40 капки есенцијално масло од лимон (може и мешавина со чајно дрво или еукалиптус кои имаат антивирусно дејство). Подготовка: Измешајте во шише со прскалка и испрскајте и избришете ги површините.