Домашните солени стапчиња, попознати како соленки, се печива кои често ги јадевме во детството. Во секоја пекарница сè уште можете да ги најдете овие култни стапчиња, кои можете да ги подготвите и во форма на переци.
Идеални се за послужување на прослави, но и за појадок или вечера. Нивната подготовка е многу едноставна, а сѐ што треба да направите е да го замесите тестото. Кога ќе ги обликувате стапчињата печете ги кратко, а потоа премачкајте ги со неодолив солен прелив. Ова меко печиво ќе ве воодушеви. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТОТО: 1 чаша млака/топла вода, 2 лажици шеќер, 1 кесичка сув квасец, 240 г брашно, 3 лажици растопен путер или масло, 1 лажица сол. За преливот: 2 лажици растопен путер, 2 чешниња лук (или повеќе по вкус), прстофат сол (доколку путерот е несолен), малку сечкан магдонос.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад сипете 1 чаша топла вода, додајте квасец и шеќер. Промешајте и оставете да отстои додека квасецот да се активира и да набубри, за што е потребно приближно 5 минути. Важно е просторијата во која готвите да биде топла за тестото да се надигне повеќе.
Во смесата со квасец додајте 2 чаши брашно (оставајќи околу половина чаша за подоцна) и масло или путер. Соединете ги состојките со жица/маталка додека да почнат да се соединуваат. Полека додајте ја преостанатата ½ чаша брашно заедно со солта. Замесете додека да се добие мазно и еластично тесто, кое лесно ќе се развлева (по отстојувањето се прави компактно).
Тестото пренесете го во малку намастен голем сад, покријте го и оставете го на топло место додека да се удвои. Нараснатото тесто измесете го уште малку додека да стане помеко и компактно. На малку набрашнета површина ставете го и поделете го на 12 еднакви парчиња.
Секое парче развлечете го како стапче и малку истркалајте го од масата. На овој начин подгответе ги сите стапчиња, па префрлете ги на обложен плех за печење на растојание. Покријте и оставете да нараснат на топло место додека видливо да се подујат. Печете 15 до 17 минути или додека да поруменат, на умерена температура.
Додека стапчињата се печат, во помал сад изматете ги путерот, солта и ситно сечканиот лук (може и да ги поминете низ преса, вкусот ќе стане поинтензивен). Овој прелив со четка се премачкува врз врелите стапчиња веднаш кога ќе се извадат од рерна.
Дополнителен совет: Стапчињата може да ги наросите со пармезан и да ги послужите во овална чинија наредени едно врз друго. За малку дополнителен гарнир, во преливот додајте една лажица мелен/ситно сечкан магдонос. Деталите погледнете ги ОВДЕ.