Доколку некогаш се мислите со што да ги послужите гостите, можете да ја испробате оваа домашна „даска“ со ќебапчиња и печен зеленчук. Превкусна е, разновидна и се подготвува за многу кратко време. Покрај тоа, изгледа многу декоративно на трпезата, затоа е атракција за гостите.




Конкретно во овој рецепт може да прочитате како да ја направите основната „даска“ со ќебапчиња, а по желба може да додадете повеќе различни парчиња месо, како колбаси, свински кременадли, ребра итн… Одлично одговара со секоја салата и сите се најадуваат од неа. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кило мелено месо, 2 средни главици кромид, 2 големи лажици брашно, 2 големи лажици скроб, 3 големи лажици свинска или некоја друга маст или масло. Друго: 1 1/4 лажица сол, 1/2 лажичка црн пипер, 1 голема лажица сода бикарбона и по желба додајте останати зачини по вкус.




ПОСТАПКА: Најпрво за подготовка на ќебапчињата, потребно е прво да ги излупите двете главици кромид и да ги изрендате на најкрупната страна од рендето. Ренданиот кромид истискајте го од вишокот сок и ставете го во еден подлабок сад и во него додајте го месото. Соединете ги состојките со раце.




Додајте 2 лажици скроб и 2 лажици брашно. Додајте ја маста или обично масло. Ако додавате свинска или некоја друга маст (доколку маста ја чувате замрзната, изрендајте ја), па додајте 1/2 лажичка црн пипер и 1 1/4 лажичка сол. По желба додајте и останати зачини за месо и на крајот се додава сода бикарбоната.




Измесете ја смесата со раце, додека сите состојки подеднакво да се инкорпорираат. Кога ќе ја соедините, садот со месото покријте го со пластична фолија и ставете го во фрижидер да отстои околу 30-тина минути. По изминатото време, смесата треба да биде поцврста и полесно да се формираат ќебапчињата.




Формирајте ќебапчиња со помош на стапче од ражнич за полесно формирање или со валање на месото помеѓу дланките. Ќебапчињата правете ги потенки, но подолги и редете ги на грил-тава или плех, кој претходно треба да биде намастен со четка. Од оваа смеса, излегуваат приближно 22 ќебапчиња.




Ќебапчињата се печат во претхдоно загреана рерна на 200 степени, околу 20-тина минути, додека да фатат фина коричка од сите страни. По печењето, ќебапчињата и останатото месо (ако правите дополнително), складирајте ги во тенџере, покриено со капак, за да ја задржат топлината.




За останатите состојки за „даската“, можете да направите печен разновиден зеленчук. Добро измијте и излупете неколку компири и исечете ги тенко, како за помфрит. Истото направете го и со неколку морковчиња. Можете да исечкате и неколку пиперки во различна боја на повеќе ленти (црвени, жолти).

Исечкајте 1-2 главици кромид на полупрстени, модар патлиџан на ленти и неколку шери доматчиња на четвртини. Потоа направете ја следнава маринада од 1 лажичка сол, 1/2 лажичка црн пипер, 1 лажичка слатка зачинска пиперка, 1/2 лажичка сува мајчина душичка, 1/4 чаша масло и измешајте.

Сиот зеленчук наредете го во еден плех, да не се преклопуваат зеленчуците и одозгора премачкајте ги со четкичка од маринадата. Можете на плехот да ставите и неколку лути пиперчиња да се потпечат.

Зеленчукот се пече на 180 степени, околу 40-тина минути под алу-фолија, а по печењето убаво се реди на една поголема даска и одозгора се става месото. Уживанција е за сите. Во видеото подолу може да видите како да направите и вкусен прилог од печен ориз со запршка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.