ДОМАШЕН СОК КАКО ФРУКТАЛ

Потребни состојки:

1 кг исчистен морков

2 кг исчистени јаболка

1 кг исчистени праски/круши/дуњи или друго овошје по вкус

800 г шеќер/замена – стевија

40 г лимонска киселина

Вода

12-13 стаклени шишиња од 1 литар

Постапка:

Пред да започнете со постапката, стерилизирајте ги шишињата во рерна на 100 степени, а капачињата проварете ги. Исчитете ги морковите и ставете ги да се варат во три литри вода. За тоа време излупете ги јаболката и исчистете ги од семки. Исечете ги на четвртинки и додадете ги во омекнатите моркови. Варете уште 10-тина минути додека јаболката да омекнат.

Додадете и исчистени праски на минута-две (или овошје по ваш избор). Доколку ставите круши, тие ставете ги 1-2 минути веднаш после јаболката (на секое овошје му е потребно различно време за да се свари).

Овошјето измиксајте го во блендер, Во водата во која се готвеше овошјето додадете уште вода, вкупно да добиете 8 литри. Додадете шеќер и измиксаното овошје и гответе уште 10-тина минути додека да се растопи шеќерот. При готвењето тргајте ја пената која ќе се создаде. Пред крај додадете лимонска киселина.

Врелиот сок веднач складирајте го во врелите шишиња и затворете ги добро со капачиња кои сте ги премачкале со алкохол. Вратете ги во врелата рерна, па нега се греат уште половина час на 100 степени. Извадете ги и добро завиткајте ги со весници или ќебе за поспоро да се ладат.

Ова ладење нека трае два дена, но затоа сокот потоа има рок на траење до една година, ако го чувате во темна и ладна просторија. Ако сокот го пиете веднаш, тогаш нема потреба да го враќате во рерна.

Loading...