Рецепт и видео прилог на: Направи сам – Идеи за креативци – Домашен витамински сок од тиква.

Ова е рецепт за домашен сок без грам шеќер, прав, есенски. Можете да го приготвите како густи сок, а доколку го процедите ќе добиете бистар сок. Ова се состојките кои ги користев за да добијам 2,5 литри сок.

Се разбира дека со термичка обработка дел од витамините се уништуваат, но доколку сокот се вари на тивко, голема количина од нив останува, а што е најважно, нема додавање на конзерванси, вештачки бои и други адитиви и засилувачи на вкусови.

Потребни состојки:

500-600 г исчистена тиква
4 јаболка
2 моркови
2 лимони
2 банани
2 портокали или мандарини
3-4 лажици мед (или по вкус)
лажичка цимет или ѓумбир, доколку сакате, не мора
1 кесичка лимонтус
2,5-3 литри вода

Постапка:

Најпрво излупете ги морковите, крупно исечете ги и ставете ги во тенџере со вода. Ставете го да се вари додека го приготвувате другото овошје. Јаболката измијте ги, исечете ги и извадете им ги семките. Лимонот исечете го на четвртини, извадете ги семките, исто така.

Тиквата излупете ја и исечете ја на коцки, па додадете ја кај морковот што веќе се вари, а додадете го и другото овошје. На крај излупете ги бананите, па додадете ги и нив. Поклопете и на тивко варете околу половина час. Повремено со виљушка проверете дали намирниците се сварени.

Исцедете лимон, портокали или мандарини, а во сокот додадете по лажичка цимет и ѓумбир доколку сакате. Потоа со рачен блендер добро сомелете ги сите намирници додека да добиете еднолична каша.  На крај засладете, додадете го исцедениот сок и додадете лимонтус (единствената намирница која не е природна во овој сок, но не е ни штетна).

Сокот вратете го на оган на уште еден “клуч” и штом зоврие веднаш тргнете го и топол складирајте го во стаклени шишиња. Затворете ги со капачиња и завиткајте ги во ќебиња, па оставете ги така да се оладат.

Количината на водата и медот можете сами да ја менувате во однос на тоа дали сакате посладок или погуст сок. Сокот се чува на темно и ладно место. Доколку сакате дополнително да го пастеризирате сокот за да му го продолжите рокот на траење, тогаш теглите или шишињата со сок вратете ги во рерна на 100 степени уште половина час, иако нема потреба. Минатогодишниот сок траеше до крај и беше феноменален. Деталите од постапката погледнете ги во видеото: