Ова е најдобриот домашен сладолед што сум го пробала, со полн овошен вкус. Се подготвува за многу кратко време и многу лесно и едноставно. Во овој рецепт ќе ви прикажам како да направите сладолед со банана, но секако, можете да користите овошје по ваш вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 големи зрели банани, 330 г овошен јогурт со вкус на банана, 2 лажици шеќер во прав (или мед или некој друг засладувач по ваш вкус), 200 мл слатка павлака. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г млечно чоколадо и 30 мл растително масло.




ПОСТАПКА: бананите излупете ги и исечкјате ги на тркалца, па ставете ги во блендер. Додајте 330 г овошје јогурт со вкус на банана. Доколку користите јагоди на пример или овошје со повисок процент на вода, за полесно да се измати и соедини во кремот, претходно ставете ги кратко време во замрзнувач, да бидат полусмрзнати, но и не мора.




Исто така, користете јогурт со вкус на јагоди, односно вкус според овошјето кое ќе го користите. Наместо овошје јогурт може да користите и обичен цврст јогурт или кисела павлака, но секако, повкусно е да користите овошје (најдобро домашно приготвен).




Во блендерот заедно со бананите и јогуртот додајте 2 лажици шеќер во прав или засладувач по ваш вкус (и количина по вкус), а може да додадете и неколку урми кои природно се многу слатки. Изблендирајте ја смесата додека да добиете фина и мазна смеса.




Настрана во посебен сад (оставете го садот 15 минути во замрзнувач) изматете ја ладната слатка павлака додека да добиете шлаг. Додајте ја блендираната овошна смеса, па мешајте неколку минути со лажица или шпатула додека да се изедначи смесата.




Ставете дрвени стапчиња во силиконските калапи за сладолед и излејте ја смесата во секое од калапчињата. Протресете за да се распореди еднакво и да излезат евентуалните воздушни меурчиња. Смесата може да ја излеете и во калап, во неколку слоја, а помеѓу секој слој да полевате чоколадна глазура.




Вака приготвените калапчиња ставете ги во замрзнувач на најмалку 6 часа. Потоа извадете ги од калапот и еден по еден, секој сладолед потопувајте го во чоколадна глазура.

Почекајте малку да се исцеди, а за тоа време глазурата ќе се стегне. За глазура: на тивок оган растопете го чоколадото и додајте во него масло (промешајте додека да се инкорпорира).