Омиленото јадење и на млади и на стари: пита бурек со тегнети кори. После овој рецепт, повеќе нема тајни – секој може дома да си го приготви ова вкусно јадење. За сите кои ја сакаат побрзата варијанта со готови кори, имаме и за нив одличен рецепт кој можете да го прочитате во продолжение. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно, 1 лажица сол и 450 мл вода на собна температура. За премачкување на корите: 150 г растопен путер/маргарин и 100 мл масло. За фил: 300 г урда, 2 јајца и 4 полни лажици кисела павлака

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за пита (околу 10 листови). За фил: 500 г мелено месо, 2 главици кромид, 1 рака магдонос, сол, црн пипер по вкус и 100 мл масло. За прелив: 200 мл јогурт, 200 мл газирана вода, 4 јајца и малку сол




ПОСТАПКА за рецепт 1: во брашното додајте една лажица сол и со постепено додавање на 450 мл вода замесете тесто кое не смее да биде ниту претврдо, ниту премеко. Тестото се меси 10 минути на миксер со специјални продолжетоци или добро рачно се изработува.

Не треба да се одмора, туку веднаш откако ќе се измеси се дели на пет еднакви парчиња од кои потоа се формираат топчиња. На многу тивок оган или во микробранова печка се растопува 150 г путер/маргарин и се меша со 100 мл масло.




Во оваа смеса кратко се потопува секое топче, убаво да се обложи од сите страни. Вака намастените топчиња се оставаат да одморат 10 минути. Потоа секое топче се развлекува во кора со големина од мала чинија, и се става врз поголема чинија претходно намастена со смесата од путер и масло.




Корите се редат една врз друга во чинијата и секоја се премачкува со смесата за да биде намастена. Се покриваат со проѕирна фолија и се оставаат да одморат уште 20 минути. За тоа време си приготвува филот.

За фил: во подлабок сад измешајте 300 г урда, две јајца и четири лажици кисела павлака. Мешајте со лажица додека да добиете кремаста изедначена смеса. По желба, за фил можете да употребите нешто по ваш вкус.




Тегнење: врз работна површина прекриена со чаршав, ставете една кора и започнете внимателно да ја растегнувате започнувајќи од краевите. Кората ќе биде еластична и многу лесно ќе се тегне. Истегнаата кора треба да биде проѕирна.

Врз цела површина рамномерно распоредете фил, а одозгора наросете од смесата со путер и масло. Со подигнување на чаршавот виткајте ја кората во тенка ролничка, а пресечете кога ќе ја постигнете посакуваната дебелина. Од една кора ќе добиете три тенки ролнички.




Првата ролничка свиткајте ја како полжав и ставете ја во средината од тепсијата, претходно намастена со масло и путер. Потоа надоврзувајте се на неа и виткајте ги ролничките во круг. Повторувајте ја постапката со сите преостанати кори.




Кога ќе се исполни тепсијата, бурек-питата ставете ја да се пече во добро загреана рерна на 250 степени, приближно 20 минути или додека убаво да зарумени. Додека се пече едната пита, пригответе ја втората. Од оваа количина излегуваат две пити, една поголема и една помала. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Пропржете го ситно исечканиот кромид додека да омекне, па додајте го меленото месо, посололете го и запиперете го по вкус. Пропржете го 10-15 минути со повремено мешање.

Кога ќе ја смени бојата и ќе испари течноста, наросете ситно сечкан магдонос. Во намастен плех ставете две кори, па наросете од филот. Филот може да биде и врел, не мора да чекате да се излади. Продолжете ја постапката додека да го потрошите целиот материјал, па питата исечете ја на коцки.

Прелијте ја одозгора со претходно изматени јајца, јогурт и газирана вода. Оставете 15-тина минути преливот да се впие во питата. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, половина час. Потоа, повторно исечете ја питата и послужете ја топла. Доколку сакате да направите класичен бурек како од бурекчилница, со готови кори, прочитајте ОВДЕ.