СВЕТИ АПОСТОЛ МАТЕЈ, моли го Бог за нас,  за дар на овие добродетели !

Кога фарисеите му приговарале на Исус дека се дружи со грешници, мислејќи на цариникот Матеј, тој им одговарал: „Здравите немаат нужда од лекар, туку болните“. Именден празнуваат: Матеј, Мате, Матеја…

Светиот апостол и евангелист Матеј се викал Ливиј и бил цариник. Во тоа време цариниците и луѓето што собирале данок биле презрени и омразени од Јудејците поради тоа што од Божјиот народ собирале пари за неверникот окупатор односно за римските власти.

Кога Свети Јован Крстител го подготвувал народот за доаѓањето на царството небесно, односно кога ги повикувал луѓето да се покајат, најавувајќи го доаѓањето на Спасителот многумина цариници и порезници дошле кај него прашувајќи го што да прават. На тоа тој им одговарал: „Не земајте повеќе од одреденото“.

Светото предание раскажува дека еднаш кога Исус минувал покрај местото каде што се собирал данокот го забележал и цариникот Ливиј кого го повикал со зборовире: „Идеј по мене“. Овој веднаш тргнал по Исус, ја напуштил својата дотогашна професија, а за спомен на тоа го зел името Матеј, што значи цариник.

Потоа приредил вечера на која заедно со Исус поканил и повеќе свои пријатели. На вечерата присуствувале и повеќемина фарисеи кои го нападнале Исус затоа што се дружел со грешници. На тоа Исус одговорил: „Здравите немаат нужда од лекар, а болните…“ (Матеј 9-12)

Така Матеј станал еден од 12-те Христови апостоли, а осум години по неговото воскресение на барање на апостолите тој го напишал Евенгелието што се карактеризира со лесен и разбирлив стил на изнесување податоци за животот на Исус Христос.

За животот на светиот апостол Матеј малку се знае. Тој е брат на Јаков Алфеев, а заедно со другите апостоли Христовото учење го проповедал во Персија, Индија и други земји. Животот го завршил маченички.

Евангелието по Матеј е најсеопфатно, зашто започнува со настани уште пред раѓањето на Исус и завршува со неговите зборови упатени кон неговите ученици пред да му се врати на Бога Отецот Негов:

„Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги… и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал“.(Матеј, 28/19-20)

Матеј често го цитира Стариот завет кога некое сведоштво дополнува некои настани. Содржината на Евангелисто докажува дека било напишано со цел да истакне дека Исус Христос е ветениот Месија и Искупител.

Светиот апостол и евангелист Матеј

Матеј беше син на Алфеј, најпрво цариник (т.е. собирач на данок или митар) и како таков него го виде Господ во Капернаум и го повика: „Врви по Мене.“ И откако стана, тргна по Него (Матеј 9, 9).

Потоа Матеј Му приреди дочек на Господ во својот дом и даде повод Господ да изрече неколку големи вистини за Своето доаѓање на земјата. Беше вброен помеѓу дванаесетте апостоли.

Откако Го прими Светиот Дух, свети Матеј го проповедаше Евангелието во Партија, во Мидија и во Етиопија, земјата црнечка. Во Етиопија го постави за епископ Платон, свој следбеник, а самиот се повлече во молитвена самотија во гората каде што му се јави Господ.

Ги крсти жената и синот на кнезот на таа земја, заради што кнезот се разгневи и испрати стража да го доведат Матеј пред него на суд. Војниците отидоа и се вратија кај кнезот говорејќи дека го слушнале гласот Матеев, но никако со очите не можеле да го видат светиот апостол. Тогаш кнезот испрати друга стража.

Кога и оваа стража му се приближи на апостолот, него го огреа небесна светлина толку силна, што војниците не можеа да гледаат во него, но исполнети со страв го фрлија оружјето и се вратија.

Тогаш кнезот сам појде. Кога му се приближи на свети Матеј, овој заблеска со таков блесок, што кнезот одеднаш ослепе. Но светиот апостол имаше милостиво срце, Му се помоли на Бога и кнезот прогледа – за жал прогледа само со телесните очи, не и со духовните. Тој го фати свети Матеј и го подложи на лути маки.

Имено, на двапати ложеше голем оган на неговите гради. Но, силата Господова го сочува жив и неповреден. Тогаш, апостолот Му се помоли на Бога и Му го предаде својот дух. Кнезот нареди и телото на маченикот го положија во оловен ковчег, па го фрлија во морето.

Светителот му се јави на епископот Платон и му кажа за своето тело и за сандакот каде се наоѓаат. Епископот отиде и го донесе ковчегот со телото на свети апостол Матеј. Кога го виде ова ново чудо, кнезот се крсти и го прими името Матеј.

Потоа овој кнез ја остави сета светска суета и прими презвитерски чин, па богоугодно ѝ послужи на Црквата. Кога умре Платон, му се јави на овој Матеј самиот апостол Матеј и го посоветува да го прими епископството.

Тој беше многу години добар пастир, додека Господ не го повика во Своето бесмртно Царство. Светиот апостол Матеј го напиша Евангелието на еврејски јазик, коешто набрзо беше преведено на грчки и до нас дојде на грчки, додека она на еврејски се изгуби. За овој евангелист се вели дека никогаш не јадел месо, а се хранел со овошје и зеленчук.

СВЕТИ АПОСТОЛ МАТЕЈ, моли го Бог за нас,  за дар на овие добродетели !

(Апостол Матеј – од Беседа на гората: блаженствата….)

:::

Сте слушале дека им било речено на старите:

»Не убивај! А кој убие, виновен

е пред судот«.

Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот;

а оној што ќе го нарече брата си »празноглав«, ќе биде виновен пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече »будала«, ќе биде виновен за во пеколот.

И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,

тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот.

Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен;

вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сè дури не го дадеш и последниот кодрант.

Сте слушале дека на старите им било речено:

»Не прељубодејствувај!«

Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.

Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.

И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; оти подобро ти е да погине еден твој

дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.

Речено било исто така: »Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде развод«.

А Јас пак ви велам:

секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.

Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – »Не колни се криво, а заклетвите пред Господа исполнувај ги«.

Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, оти тоа е престол Божји;

ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, оти е град на великиот Цар.

Не колни се ни во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да го направиш бело или црно.

Но зборот ваш да биде: да, да, – не, не, а сè што е повеќе од тоа, од лукавиот е.

Сте слушале дека е речено: »Око за око, заб за заб«.

Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото.

Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.

А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека.

И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.

На оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем.

Сте слушале дека е кажано

-»Љуби го својот ближен и мрази го непријателот«.

А Јас, пак, ви велам: љубете го непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат,

правете им добро на оние што ве мразат

и молете се за оние што ве навредуваат и гонат,

за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните.

Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата?

Зар не го прават тоа и митниците?

И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите?

Не постапуваат ли така и незнабошците?

Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.”