„Пред неколку години се венчавме со сопругот, но и двајцата бевме невработени, па одлучивме среќата да ја побараме некаде надвор од границите. Имавме неколку неуспешни обиди и најпосле добивме на Лотарија, па си ги спакувавме куферите и заминавме“, ја започна својата приказна Весна.К. за НМД.мк

Одлучивме да немаме деца додека да се „снајдеме“, а тоа потраја три години. Не сме уште ситуирани како што треба, но барем имаме редовни финансиски примања. „Биолошкиот часовник“ ми поминува, па затоа одлучивме да го прошириме семејството.

Родив ќерка, да ми е здрава и жива, но иако овде ги направивме сите „овдешни церемонии“ со пријателите, сепак имаме голем мерак да направиме крштевка на денот на нејзиниот прв роденден во нашата татковина, во градот од каде што двајцата потекнуваме.

Сопругот е задолжен околу организацијата за ресторанот и музиката, а јас за сè останато, покани, адети во црква, кој со кого ќе седи на маса… Си размислував за поканите и добив идеја да напишам „подарок во плик“, како што е тоа најнов обичај за свадбите.

Пред извесно време ми се појави ѕид од една членка во група, со истото прашање. Имаше можеби илајдници коментари и сите до едно ги прочитав, зашто и јас бев засегната. Членката го имаше истиот аргумент како мене:

„На крштевки се носат бебешки алишта кои најчесто се повторуваат, се добиваат по 3-4 исти работи како што се бонбониерите“, џабе фрлени пари, а јас живеам во странство и ќе ми треба дополнителен трошок за куфер или пакет за сите да ги донесам назад“.

„Ич не ги ни кани гостите тогаш, ако ти дошло до пари! Луѓе се канат за да бидат сведоци и да ја споделат твојата радост, а не да ти носат подароци и пари! Тоа е главната цел на правењето прослави, а не собирањето пари“, гласеше еден од коментарите на учесничките.

„Некој нема леб да јаде, нема пари како да го помине месецот, па уште „подарок во плик“?! Дали ќе ти дојде со некое „парталче“ или не, не треба на тоа да гледаш. Тој што нема пари за 500 денари ќе купи нешто, ама ќе се срами да стави само толку во плик, а за повеќе нема..“

„Ако се плашиш дека ќе добиеш толку многу „парталчиња“ и не ќе можеш да ги понесеш назад „преку океанот“, а можеш, само треба да си доплатиш, тогаш подари ги во некоја хуманитарна организација, има многу сирачиња и сиромашни деца кои ќе се израдуваат и на таквите „партали“.“

Имаше многу вакви и слични коментари, кои до некаде ги оправдувам зашто економската ситуација е лоша насекаде, но за нас што живееме во странство, а сакаме прославата да ја направиме во татковината, малку се комплицирани работите.

Секако имаше и коментари на поддршка, но станува збор само за група, а мене ме интересира генерално мислењето на сите луѓе околу ова прашање. Јас сум свесна дека никој не оди на прослава со празни раце, па идејата беше да не се фрлаат џабе пари на работи кои нема да бидат искористени.

Зошто поканата за крштевка и роденден би се разликува од оние за свадби? Имам уште малку време за организација, па многу би ми помогнале вашите мислења. Ви благодарам за одвоениот простор“, пишува читателката за НМД.мк