Фото и рецепт: Лидија Стојанова. И’ благодариме на нашата читателка Лидија Стојанова од Неготино што го сподели со нас овој пост, рецепт за приготвување на славска погача.
На прагот сме на период кога започнуваат крсните слави. Повеќето семејства си имаат домашни слави, чествувајќи го името на својот светец. На богато приготвените трпези, приоритет се дава на славскиот колач.
Повелете, разгледајте го, можеби некому ќе му послужи како идеја – вели нашата читателка Лидија. Потребни состојки: 1 коцка свеж квасец, 500 мл млако млеко, 3 јајца, 2 филџани за кафе масло (околу 200 мл), 5 супени лажици кисело млеко (на собна температура), 2 супени лажици шеќер, 2 кафени кажички сол, брашно по потреба, за да се замеси средно меко тесто кое не лепи на раце (околу 800 г – 1 кг).
Постапка: Во малку млако млеко се раствора квасецот со малку шеќер и брашно. Се остава на топло околу 10-тина минути да се активира. Брашното се просејува, па со додавање на останатие состојки се замесува средно меко тесто.
Тестото се остава 15-тина минути да одмори, а потоа се дели на два дела. Од едниот дел се прави кравајче (топка) за во средината.
Вториот дел од тестото се дели повторно на два дела: од едниот дел се прави плетенка која се става околу кравајчето, а од вториот дел се прават ружички.
Погачата ја поставуваме во претходно намастено тенџере или длабока тепсија за печење погачи (бр.30)
За фигурите за украсување: се приготвуваат на самиот почеток, пред да се замеси погачата. Тестото за белите фигури е исто како за леб, само без квасец и сол. Се замесува со брашно, нишесте (густин) и вода, да се добие потврдо тесто. Се лепат со шеќерна вода-сируп за да не паѓаат пред крај на печењето на погачата и да останат бели.
Може да користите 100 г брашно и 100 г густин и да замесете со вода. Готовата погача се украсува со фигурите што сте ги подготвиле претходно, и се премачкува со жолчка од јајце (освен фигурите).
Се става да се пече во загреана рерна, во почетокот на 200 степени околу 10-15 минути, па се допекува на 180-150 степени во зависност од рерната, околу еден час.
Фотографија и рецепт на Лидија Стојанова. Коментар на Марија Ацеска: ,,Славската погача е убава, а јас ја правам посна за Св.Никола и тоа на средина го правам од два дела како поскура, тоа ги претставува Небото и Земјата. Украсувањето е исто, со бело тесто, правам класје жито, грозје, крстче и напомош да ни се славите”.