Вкусен, сочен, чоколаден колач кој се топи во уста.

Потребни состојки: 6 јајца, 100 г шеќер, 160 г брашно, 40 г какао, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 5 г сода бикарбона и 1 прстофат сол

За прелив: 200 мл слатка павлака, 1 литар млеко, 150 г млеко во прав, 100 г шеќер, 80 г какао и 50 г чоколадо. За глазура: 300 мл слатка павлака и 150 г чоколадо

Постапка: Плехот со средна величина (38х22 см) намастете го со малку масло и обложее го со хартија за печење.

Одвојте ги белките од жолчките. Во белките додадете прстофат сол и измиксајте ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Изматете добро за да се растопи шеќерот, а потоа додавајте една по една жолчка. Цело време матете со миксерот.

Во друг сад просејте го брашното, какаото, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и сода бикарбона. Убаво промешајте ги сите состојки за да се соединат.

Потоа, сувите состојки постепено додавајте ги во матените јајца и внимателно со шпатула мешајте за да остане пенлива смесата.

Вака добиената смеса излејте ја во претходно подготвениот плех и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 минути. Прверете со чепкалка дали е печена и извадете ја на решетка за да излади (решетката ја ставате врз плехот, ги превртувате заедно, па потоа ја отстранувате хартијата за печење).

За прелив: загрејте еден литар млеко на оган и додадете 100 г шеќер. Промешајте за да се растопи, па со постепено матење со жица додавајте го какаото и исклучете го огнот за да не ви загори млекото. Потоа додадете го млекото во прав и уште еднаш убаво промешајте.

Додека е сè уште топло, додадете го чоколадото искршено на коцки, почекајте 30 секунди за да се растопи, па повторно промешајте. На крај додадете ја слатката павлака, промешајте и оставете да излади. Од изладениот прелив ставете неколку кутлачи во плехот каде се печеше колачот.

Потоа ставете ја кората и постепено, рамномерно натопете го со остатокот од преливот. За глазура: Ставете 300 мл слатка павлака на оган да се загрее. Со загреаната павлака (внимавајте да не зоврие) прелијте го чоколадото искршено на коцки и мешајте за да се растопи и соедини.

Оставете го 15 минути во фрижидер да излади, промешајте го, па вратете го уште 15 минути. Потоа убаво изматете го со миксер и нанесете го рамномерно врз трилечето. Целиот колач изладете го убаво пред послужување. Деталите можете да ги погледнете во видеото: