I РЕЦЕПТ – Чоколадно ТРИЛЕЧЕ – вкусен, сочен, чоколаден колач кој се топи во уста! Вкусен, сочен, чоколаден колач кој се топи во уста. Доколку сте љубители на сочниот колач наречен “трилече”, а дополнително го сакате и вкусот на чоколадото, тогаш ова е вистински погодок за вас.

Потребни состојки: 6 јајца, 100 г шеќер, 160 г брашно, 40 г какао, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 5 г сода бикарбона, 1 прстофат сол. За прелив: 200 мл слатка павлака, 1 литар млеко, 150 г млеко во прав, 100 г шеќер, 80 г какао, 50 г чоколадо. За глазура: 300 мл слатка павлака, 150 г чоколадо.

Постапка: Плехот со средна величина (38х22 см) намастете го со малку масло и обложете го со хартија за печење. Одвојте ги белките од жолчките. Во белките додадете прстофат сол и измиксајте ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот.

Изматете добро за да се растопи шеќерот, а потоа додавајте една по една жолчка. Цело време матете со миксерот. Во друг сад просејте го брашното, какаото, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и сода бикарбона. Убаво промешајте ги сите состојки за да се соединат.

Потоа, сувите состојки постепено додавајте ги во матените јајца и внимателно со шпатула мешајте за да остане пенлива смесата. Вака добиената смеса излејте ја во претходно подготвениот плех и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 минути.

Прверете со чепкалка дали е печена и извадете ја на решетка за да излади (решетката ја ставате врз плехот, ги превртувате заедно, па потоа ја отстранувате хартијата за печење). За прелив: загрејте еден литар млеко на оган и додадете 100 г шеќер.

Промешајте за да се растопи, па со постепено матење со жица додавајте го какаото и исклучете го огнот за да не ви загори млекото. Потоа додадете го млекото во прав и уште еднаш убаво промешајте. Додека е сè уште топло, додадете го чоколадото искршено на коцки, почекајте 30 секунди за да се растопи, па повторно промешајте.

На крај додадете ја слатката павлака, промешајте и оставете да излади. Од изладениот прелив ставете неколку кутлачи во плехот каде се печеше колачот. Потоа ставете ја кората и постепено, рамномерно натопете го со остатокот од преливот.

За глазура: Ставете 300 мл слатка павлака на оган да се загрее. Со загреаната павлака (внимавајте да не зоврие) прелијте го чоколадото искршено на коцки и мешајте за да се растопи и соедини. Оставете го 15 минути во фрижидер да излади.

После 15 минути промешајте го, па вратете го уште еднаш, на 15 минути. Потоа убаво изматете го со миксер и нанесете го рамномерно врз трилечето. Целиот колач изладете го убаво пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ Чоколаден кох – се топи во уста, сочен, мек и вкусен. Можете да прочитате два начини за приготвување на овој вкусен десерт кој буквално се топи во уста со својот неодолив вкус на чоколадо. За вториот рецепт има и видео на кое можете да ја погледнете постапката.

Во првиот рецепт изладениот кох се прелива со врело млеко, а во вториот се прелеваат кога и двете се врели. РЕЦЕПТ А –  Фотографија и рецепт на Аиса.

Потребни состојки: 3 белки, 8 лажици шеќер, 3 жолчки, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 8 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 3 лажици какао. За прелив: 500 мл млеко и 12 лажици шеќер. За глазура: 1 филџан (за кафе) млеко, 4 лажици шеќер, 90 г путер и 100 г чоколадо за готвење.

Постапка: За кора: изматете ги белките со 8 лажици шеќер. Во изматениот снег додадете 3 жолчки, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 9 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 3 лажици какао. Измешајте со лажица, смесата да остане пенлива и воздушеста.

Од добиената смеса испечете кора (во загреана рерна на 180 степени) во намастен и набрашнет плех со средна величина и изладете ја. За прелив: Откако печената кора ќе излади прелијте ја со сварено млеко и шеќер. Глазура: Сварете филџан млеко со 4 лажици шеќер, потоа додадете путер и чоколадо.

Кога ќе се соедини прелијте преку колачот. Чоколадниот кох е најдобро да се приготви еден ден пред послужување за да има време убаво да се олади, да го впие млекото и да се стегне глазурата.

РЕЦЕПТ Б – Потребни состојки: 4 јајца, 6 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 1 рум шеќер, 4 лажици гриз, 100 г чоколадо и 800 мл млеко. Постапка: Најпрво пригответе помал плех во кој ќе го печете кохот: Намастете го и набрашнете го, а рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.

Изматете ги белките во цврст снег со 4 лажици шеќер, па додадете гриз, жолчки и ванилин шеќер. Полека со лажица или шпатула промешајте за да се изедначат состојките. Доколку сакате, во смесата можете да додадете и една рака суво грозје.

Добро промешајте. Смесата излејте ја во приготвениот плех и печете ја околу 20 минути на 200 степени. Во моментот кога ќе биде испечен кохот, треба да биде провриено и млекото за прелевање. Млекото сварете го, додадете ванилин шеќер и 2 лажици шеќер.

Додадете и 100 г чоколадо и рум шеќер за вкус. Кога ќе зоврие и чоколадото ќе се растопи, прелијте ја печената кора која можете малку да ја избоцкате со виљушката (топло-топло). Оставете да впие и да се олади добро. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.