Чоколадните мафини се брзи колачи кои секој ги сака. Се топат во уста меки, се мирисни и …чоколадни. Може да ги приготвувате во силиконски мафини, калапи добро намастени со путер и наросени со брашно/густин или какао, или пак во хартиени корпички.

Постојат многу рецепти за чоколадни мафини, а овојпат ви го претставуваме едноставниот рецепт на Бојана. Сите состојки се матат со миксер, што значи дека валкате само еден сад, а потоа ги полните калапите или хартиените корпички и ги печете. Мафините може да се јадат и топли. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 50 г кристал (гранулиран) шеќер, 100 мл масло (1/2 чаша), 200 мл млеко (1 чаша), 200 г сенаменско брашно Т-400, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 50 г какао во прав, 100 г млечно чоколадо сечкано за посипување одозгора

ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете три јајца кои претходно отстојале малку на собна температура. Сипете го шеќерот и изматете ги со миксер додека шеќерот да се растопи и да добиете густа, светла кремаста смеса, за што ви е потребно 5-8 минути непрекинато миксање.

Во изматените јајца додајте го млекото и маслото и повторно изматете со миксерот додека да се изедначат состојките. Во течната мешавина постепено додајте ги сувите состојки кои е потребно да бидат просеани за да се добие што понежна смеса.

Измешајте ги брашното, прашокот за печиво и какаото, просејте ги, па сите заедно измиксајте ги со миксер на помала брзина додека да добиете изедначен, хомогена и мазна смеса без грутчиња. Со ова тесто полнете ги калапите по избор.

Ако користите силиконски калапи како мене, нема потреба претходно да ги намастувате. Ако користите обични калапи, тогаш добро намастете ги со путер, а може и да ги наросите со малку брашно или какао во прав.

Доколку користите хартиени корпички за калапи, истите полнете ги до половина или најмногу две третини, зашто мафините при печењето ќе пораснат како печурки. Одозгора посипете ги со ситно сечкано млечно чоколадо по желба.

Колачите печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, 15 минути. Кога се печени оставете ги 2-3 минути да се подизладат, па можете да ги послужите. Видеопрезентацијата на Бојата погледнете ја ОВДЕ.