Чоколадните мафини се брзи колачи кои секој ги сака. Се топат во уста меки, се мирисни и …чоколадни. Може да ги приготвувате во силиконски мафини, калапи добро намастени со путер и наросени со брашно/густин или какао, или пак во хартиени корпички. Во продолжение прочитајте два рецепти за чоколадни мафини.

Рецепт 1: ЧОКОЛАДНИ МАФИНИ: Совршенство во неколку едноставни чекори

Потребни состојки:

250 г брашно
120 г шеќер
1 ванилин шеќер
1 прашок за печиво
4 лажици какао во прав
1 мала лажичка сода бикарбона
200 г чоколадо за готвење
100 мл масло сончогледово
240 мл млеко
1 јајце

Постапка:

Во еден сад измешајте брашно, какао, прашок за печиво, шеќер, сода бикарбона и ванилин шеќер. Во друг сад изматете јајце, па додадете му млеко и масло.
Мешавината од суви состојки постепено додавајте ги во другиот сад, па заедно добро измешајте ги за да се соединат состојките.

Чоколадото исечете го на помали парчиња или изрендајте го, оставете малку настрана за поросување, а остатокот додадете го во смесата. Смесата излејте ја во калапи, до половина отприлика, па поросете со малку чоколадо одозгора. Печете 20 минути на 200 степени.

Рецепт 2: ЧОКОЛАДНИ МАФИНИ: сите состојки се мешаат, се полнат калапите и се пече за 15 минути

Фото и рецепт: Марија Васиќ

Потребни состојки:

2 шолји (200 мл) брашно
¾ шолја шеќер (една шолја, но да не е полна, или помалку, кој како сака)
1 јајце
2 лажици какао
½ шолја масло
1 шолја млеко
100 г чоколадо искршено
Суво грозје или ореви, лешници по желба (не мора, не се содржат во основниот рецепт)

Постапка:

Сите состојки се машаат заедно во еден сад, па со лажица ги полниме со путер намастените калапи, ако се силиконски нема потреба од намастување или хартиени корпички. Калапите не се полнат до врв, туку до половина или малку повеќе. Се печат на 180 степени околу 15-20 минути во зависност од рерната.